Втората по големина економија, Кина, според шефицата на ММФ, ќе има тежок старт на 2023, а тоа негативно ќе влијае и на регионот и на глобалната економија
Третина од глобалната економија оваа 2023 година ќе биде во рецесија, предупредува шефицата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева.
Таа вели дека оваа ќе биде потешка од претходната 2022 година бидејќи најмоќните економии како САД, ЕУ и Кина ќе имаат забавување на економските активности.
„Очекуваме една третина од светската економија да биде во рецесија. Дури и земјите кои не се во рецесија, тоа би го почувствувале“,
вели Георгиева за „Си-би-ес“.
Нејзините предупредувања се во период кога сè уште трае војната во Украина, има раст на цените, како и повисоки каматни стапни, но и повторно ширење на ковид-вирусот во Кина.
Георгиева вели дека втората најголема економија во светот – Кина, ќе е соочи со тежок почеток на 2023 година. Предвидувањата се дека нејзиниот економски раст ќе бие на ниво или под нивото на глобалниот раст што ќе биде најнизок во последните 40 години, а причината е растот на бројот на заразени со ковид-19 по укинувањето на рестриктивните мерки кои беа на сила со оглед дека кинеските власти водеа нулта-ковид политика.
„Следните неколку месеци би биле тешки за Кина, негативно би влијаеле врз растот на кинеската економија, а влијанието би било негативно и врз регионот и врз глобалниот раст“,
смета Георгиева.
Во однос на САД, пак, таа вели дека би можеле да го избегнат падот кој се очекува да зафати третина од светската економија бидејќи како што вели, американската економија е најотпорна, а пазарот на трудот и понатаму е силен.