Протоколите како ќе работат рестораните и кафулињата се спремни, но сè уште е во тек комуникацијата помеѓу сите засегнати страни. Според најавите од министерот Венко Филипче, тие може да се отворат веќе наредната недела, а ставот на здравствените власти е да работат само терасите.
„Во однос на протоколите, да кажам дека ставот е рестораните и кафичите на почеток да работат само надвор, со одржување на дистанцата, а во јавниот превоз задолжително носење и спроведување на систем за проверка за носење на заштитните маски. Но, дозволете сето тоа да се финализира и до крајот на неделата да се објави и некаде од почетокот на следната недела тоа да биде во функција“,
рече Филипче.
Покрај за рестораните, готови се и протоколите за работа за сите Центри за едукација и курсеви, како и за автошколите и возачките испити, библиотеките, но се чека повратен одговор од одредени институции за да се објават и да почнат да се имплементираат.
Министерот најави дека се подготвува и план за работата на градинките, а информации ќе се соопшта наредните денови.
„Прашање е работата на градинките, за кое што утрово исто така разговаравме на Комисијата за заразни болести. Сè уште траат консултациите во рамки на нивната експертска група, за што ќе ги контактираме и самите градинки за да се изработи посебен протокол. Свесни сме дека е навистина тешко и голем предизвик, затоа што децата се во ризик да бидат трансмисија на болеста. Сакаме да донесеме некој план кој навистина ќе може да се спроведе, посебно затоа што градинките мора да бидат во функција кога сите ќе се вратат на работа. Дозволете наредните денови кога планот ќе биде готов да дадеме повеќе информации за тоа како и на кој начин градинките ќе почнат да работат“,
рече Филипче.
Во однос на враќањето на работа на администрацијата, пак, министерот посочи дека за тоа ќе се разговара во следниот период, и ако се почитува мерката за носење маски може да се дозволи постепено враќање на административците. Тоа, рече, ќе биде во согласност и со решението за работата на градинките.