Угостителските објекти вечерва треба да затворат во 23 часот, откако ваквата одлука стапи на сила со денешното објавување во Службен весник.
По 23 часот рестораните и баровите не смеат да имаат гости во објектите, но предвидено е да можат да работат само оние кои продаваат храна на алтернативен начин односно со достава преку онлајн или телефонски нарачки и слично. Исто така, имаат опција и храната да ја продаваат спакувана за носење, а клиентите да ја подигаат преку пулт.

Ваквата мерка е дел од последниот пакет рестрикции кои ги донесе владата за справување со коронавирусот.
Во денешниот Службен весник е објавена и забраната за групирање на повеќе од четири лица на јавен простор по 22 часот, како и новиот Протокол за превоз на патници со кој капацитетот се ограничува на 50%.