Осум години се гради според план изгласан без мнозинство
Звукот на циркуларната пила продира низ тесниот простор. Набргу ѝ се придружува чеканот, па хилтата, па мешалката за бетон, а багерот непрекинато се слуша како заднински звук.
За минувачите, непријатниот концерт трае неколку минути. Но, за жителите на населбата Капиштец, на улицата Козара и на околните помали улички, овој недиригиран оркестар свири секој ден, по цел ден, веќе осум години, пишува „Призма“ во најновата репортажа.
А сѐ почна откако стапи во сила деталниот урбанистички план за т.н. градска четврт Ј07 на Општина Центар, изгласан во јули 2014 година. Тој ги опфаќа локалитетите Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара, и во дел од нив овозможи семејните куќи да се заменат со станбени згради од пет, шест или седум ката, плус поткровја.
„Сателитските снимки на Гугл покажуваат дека осум години се повеќе од доволно за инвеститорите да го видоизменат некогаш мирното маало во непосредна близина на центарот на градот, веднаш под Водно. Во круг со дијаметар од околу 300 метри веќе се направени триесетина згради, а има маркички за барем уште толку. Малите улички со куќи, дворови, градини и дрвја се претвораат во тесни кањони со бетонски карпи од по 20-25 метри од двете страни, низ кои сонцето продира само напладне“,
пишува „Призма“ во репортажата.
Но, продолжува понатаму, иако во приказните за скопското градење сме навикнале да ги слушаме оправдувањата дека „сѐ е според законот“, а на надлежните им се „врзани рацете“, овде работите не се толку чисти. Уставниот суд одлучи да прифати иницијатива, поднесена од локални жители, со кои се оспорува одлуката за усвојување на ДУП-от во 2014 година, бидејќи не била донесена со мнозинство гласови во Советот на Општина Центар. Од вкупно 23 советници, 11 гласале „за“, а еден бил „против“, па, сепак, планот влегол во сила. Со тоа, според иницијаторот, се прекршил Законот за локална самоуправа.
Целата репортажа можете да ја прочитате ТУКА.