Ковачевски денеска, одговарајќи на новинарски прашања зошто ова ветување досега не е исполнето, рече дека министерот за здравство пред еден месец на владина седница поднел информација, не само за укинување на организациските туку и на медицинските директори и повторно спојување на Клиничкиот центар
На прашањето упатено до министерот што доколку следната влада нема да сака да го спои Клиничкиот центар и состојбата остане како сега, одговори премиерот, кој дофрлајќи одзади рече: „Па, истата влада ќе биде“
Премиерот Димитар Ковачевски е уверен дека СДСМ ќе ја предводи Владата по парламентарните избори в година и со тоа најавеното укинување на организациските директори на клиниките и спојувањето на Клиничкиот центар, за кое веќе е отпочната постапката ќе биде реализирано до крај.

Инаку, укинувањето на организациските директори на Клиниките беше ветување на СДСМ, а како приоритет го најави и актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити (од Алијанса за Албанците) по неговото доаѓање на функцијата кон крајот на февруари годинава.
Ковачевски кој денеска присуствуваше на презентација на нова апаратура за генетика во Македонската академија на науки и уметности, одговарајќи на новинарски прашања зошто ова ветување досега не е исполнето, рече дека министерот за здравство пред еден месец на владина седница поднел информација, не само за укинување на организациските туку и на медицинските директори и повторно спојување на Клиничкиот центар.
„Јас морам да ве информирам дека министерот за здравство веќе поднесе информација до Владата и тоа се случи пред еден месец во која што предложи не само укинување на организациските директори, туку и на медицинските директори на Клиники, повторно спојување и да имаме еден Клинички центар во кој што ќе се знае одговорноста, обврските и надлежностите, нормално низ една хиерархија којашто ќе биде договорена низ процесот на имплементација на оваа информација и соодветните заклучоци коишто се донесени. Така што министерот за здравство тоа што го вети, тоа што јас сум го ветил веќе го имаме отпочнато како процес и тој процес сигурно некаде после изборите ќе биде реализиран со оглед дека ќе треба да се направат соодветните реорганизации. Меѓутоа тоа е процес којшто е почнат и којшто ќе заврши, бидејќи да бидеме реални на еден километар квадратен шеесет организациски директори, шеесет управни одбори, нема никаква потреба од тоа“,
рече Ковачевски.

Епидемијата на ковид-19, како и енергетската и економската криза премиерот ги посочи како причини зошто тоа досега не е направено.
„Имало други предизвици, скоро четири години сме прво во ковид криза, енергетска криза, економска криза, меѓутоа првиот момент кога капацитетите на медицинскиот кадар и капацитетите на Министерството за здравство влегоа во едни понормални води министерот веднаш поднесе информација која едногласно беше усвоена на Влада“,
рече премиерот.
Министерот за здравство, кој заедно со Ковачевски и министерот за образование и наука беа на настанот во МАНУ, надополнувајќи го премиерот, пред новинарите изјави дека реорганизираниот Клинички центар ќе стане реалност, а тоа според него треба да се случи некаде во мај или почетокот на јуни следната година.
„Мој прв приоритет кога дојдов за министер за здравство, веќе неполни девет месеци, беше спојување на Клиничкиот центар. Тој Клинички центар ќе стане реалност, како што потврди премиерот. Навистина безрезервна поддршка имаше премиерот кон мене како министер и кон сите членови на Владата и за ова главните борци за да го тераме до крај бевме јас и премиерот и ова ќе биде реалност некаде до крајот на мај или почетокот на јуни. Нормално течат сите процедури, треба да се спојат 33 управни одбори, 33 медицински, 33 организациски, а па од тоа што веќе не го спомена (премиерот) тие заеднички служби што јас многу ги сакам – значи 20 милиони евра загубари. Рековме од првиот ден дека веќе нема да дозволиме здравството да биде во ваква состојба и сите наши планови се реализирани со конкретната динамика што ја имавме досега“,
рече Меџити.

На прашањето упатено до министерот што доколку следната влада нема да сака да го спои Клиничкиот центар и состојбата остане како сега, одговори премиерот, кој дофрлајќи одзади рече:
„Па истата влада ќе биде“
Инаку, според најавите кои кон крајот на мај на прес-конференција ги изнесе Меџити, Клиничкиот центар како целина требаше да профункционира од 1 јануари 2024 година.