Пред три месеци пуштивме на терен контролори и инспекции и има подобрување во тој контекст. Понатаму ќе излеземе со точни резултати колкаво е подобрувањето. Знаеме дека има проблем, треба реорганизација на целиот здравствен систем, треба систематизација на здравството. Работиме напорно и преземаме мерки, и за неколку недели ќе имаме првични резултати дека има подобрување, вели Меџити
Во здравството има проблеми и потребна е реорганизација и систематизација на системот, признава министерот за здравство Фатмир Меџити. Тој вели дека има визија за реформи во здравството, а една за која веќе има формирано и група е дигитализација на радиологијата низ државата, што подразбира централизација на радиологијата, појасни Меџити.
„Во одреден град ако има доктор што чита дневно еден рендген на една рака или нога, сега натаму нема да биде така, онлајн ќе бидат вклучени сите. Ќе има ограничен број колку дневно да си ја изработи платата, колку треба да прочита, над тој број и дома нашите радиолози почитувани ако сакаат за повеќе финансиски примања, ќе имаат можност да прочитаат со цел да не се чека толку долго“,
рече Меџити, кој присуствуваше на 3. Национален форум за здравство – „Здравствена правичност, кохезија и отпорност во Северна Македонија: кон трансформација на здравствениот систем“.
Според него, прво треба да се работи на средување на примарната здравствена заштита, каде што е потребен, како што вели Меџити, голем пресек.
„Но, тоа не се прави за еден или два дена, можеби ќе треба и години, но мора да започнеме. Јас веќе имам мои предлог и визија, работите да се движат композитивно и работиме на тоа“,
додаде Меџити.
Тој потврди дека има проблем да се закаже термин кај специјалист и проблем се дијагностичките процедури, па граѓаните се принудени да плаќаат во приватно здравство. Нагласи и дека тој и неговиот тим работат на тоа да се надмине овој проблем.
„Пред три месеци пуштивме на терен контролори и инспекции и има подобрување во тој контекст. Понатаму ќе излеземе со точни резултати колку е подобрувањето. Знаеме дека има проблем, треба реорганизација на целиот здравствен систем, треба систематизација на здравството. Работиме напорно и мерки преземаме и за неколку недели ќе имаме првични резултати дека има подобрување. Ќе продолжиме да работиме“,
додаде Меџити.
Меџити, како друга реформа за која има визија, ја посочи дисперзијата на лекари низ внатрешноста.
„Ќе направиме програма за дисперзирање на кадрите, иако и досега ја имаше, но во помал обем. Ние ќе го направиме тоа во поголем обем, а имаме и нова мерка. Тие што се пред пензионирање да продолжат да работат и тие професори со целото искуство што го имаат да одат по регионалните болници и таму каде што има апаратура која фаќа прашина, а која веќе се попишува, да ги научат лекарите како работат тие апарати и да имаме подобри услуги за тие пациенти“,
додаде Меџити.
Така, рече Меџити, пациентите нема да мора да доаѓаат до Скопје, да трошат пари и време, туку специјалистите да им бидат достапни во нивниот град, а апаратурата да биде ставена во употреба.
На прашањето зошто во земјава го нема лекот „амоксиклав“, министерот тврди дека нема недостиг од овој лек.
„Некој кажал дека нема, тоа можеби е индивидуално. Во регионалните земји го има, можеби тие имале некои резерви. Се слушнав со директорот на ‘Малмед’, во моментов не постои таков проблем. Снабдени сме со ‘амоксиклав’ и го има во моментов“,
изјави Меџити одговарајќи на новинарски прашања.
Во врска со реакциите од пред извесно време за недостиг на лекови на Клиниката за онкологија, Меџити рече дека сега има терапија и сите пациенти се покриени.
„Ние превентивно преземаме мерки, за да не доаѓаме во тешки ситуации да нема лек. Морам да споделам и да кажам дека тоа не е на ниво на нашата држава, тоа е на ниво на светот – недостига таа дефицитарна материја и такви проблеми очекуваме“,
изјави Меџити, додавајќи дека во таа насока работите сега се подобрени.