Во Скопје имало пријави за паднато дрво врз три возила, скинати проводници, проблеми со електрични, интернет и телефонски кабли, а за поплавени подруми пријави имало и во Велес, Крива Паланка и Куманово
Рекордни 2 778 повици имало вчера на единствениот повикувачки број за итни случаи 112, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Најголем број повици – 1 076 биле за итни случаи.
Зголемен број повици и известувања, по вчерашното невреме имало од жителите од Скопската Котлина кои пријавувале штети предизвикани од силниот дожд и ветер.
Најголем број од пријавите, како што велат од ЦУК, биле од населбите Волково и Даме Груев, како и од Шуто Оризари. Но, пријави имало и од Аеродром, Карпош, Чаир и Гази Баба.
Некои од повиците синоќа биле за паднато дрво врз три возила и на коловоз на улицата „Разловечко востание“ бр. 16 во општина Карпош, а утринава била добиена уште една пријава за оштетен автомобил на истата улица бр. 12.
Исто така, имало пријава и за причинета материјална штета во погонот на приватна компанија која е предизвикана од поплава.
„Според пријавителот, најверојатно постои проблем со атмосферската канализација или, пак, е пукната цевка, при што водата тече по улица и се слева во погоните. Во моментот објектот се наоѓа поплавен до 50 сантиметри под вода. РЦУК Скопје ги извести надлежните служби за интервенирање според пријавениот итен случај“,
додаваат од ЦУК.
Преостанатите повици биле за паднати и навалени дрвја, како и за скршени гранки, скинати проводници, за навалени бандери и за други проблеми со електрични, интернет и телефонски кабли. Дел од пријавите биле и за оштетени покриви, скршени стакла и откачен и лимови и олуци од куќи и згради, паднати огради и блокирани улици.
Освен во Скопје, со невреме вчера биле зафатени и други делови од земјата, информираат од ЦУК.
Пожарникари од територијалната противпожарна единица од Велес вчера испумпувале вода во подрумски простории во Македонска пошта. Велешките пожарникари синоќа интервенирале и во извлекување на камион што бил заглавен на патот помеѓу Росоман и Прилеп.
На испумпување на вода вчера работеле и пожарникари од Куманово. Со три противпожарни возила и 10 пожарникари се вадела вода од подрумски простории на шест куќи во Куманово.
Од поројните врнежи од дожд изминатите два дена во Крива Паланка се поплавила детска градинка. Исто така, било пријавено и за отсечен пат во селото Станци, на кој, како што велат од ЦУК, се работи на расчистување.
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) и за денеска најавуваат дека се очекува променливо облачно време со повремен пороен дожд и грмежи.
Според прогнозата, за време на викендот и в понеделник времето ќе биде стабилно и потопло, а повторно дестабилизирање се очекува од вторник.