Истрагата за пратеничката и потпретседателка на Собранието, Фросина Ременски, за случајот „Меѓународен сојуз“ која ја води Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција е завршена, соопшти денеска Ременски откако даваше исказ пред обвинителката Вилма Русковска.
„Денеска дадовме одговори и појаснувања за прашања кои можеби биле причина за отворање на истрагата. Ги расчистивме сите прашања кои се во тој контекст како дилема на Јавното обвинителство. Сметаме дека врз основа на исказите и врз основа на прибраните докази Јавното обвинителство ќе цени да ја запре постапката кон мене во овој случај“, изјави Ременски.
Ременски по исказот во Обвинителството за медиумите кажа дека е цел на параполициски структури.
„Кога професор по безбедност ќе стане таргет на параполициски структури, ќе стане таргет во една разузнавачка и параполициска ситуација и ќе се најде во ваков апсурд да се правда пред надлежните институции за нешто дали сторил или не, а сите останати на кои професорката им го открила криминалот ќе се трудат тој воопшто да не биде дознаен во јавноста“, рече Ременски.
Таа тука го посочи поранешниот директор на УБК, Горан Николовски, за кого рече дека јавноста треба да се позанимава со неговата работа во врска со дејствата на семејството Камчеви.
„Која е улогата на поранешниот директор на УБК, Горан Николовски, во делот на пријавувањето на дејствијата од семејството Камчеви? Што преземал како службени дејствија? Дали ако презел нешто ќе си дозволеа министерот за внатрешни работи и премиерот во март да присуствуваат на прославата на телевизијата и да даваат видеочеститка“, рече Ременски прашувајќи дали е корупција ако тој е потстанар кај адвокатот на семејството Камчеви.
Ременски вчера беше во Обвинителството, каде што вршеше увид на доказниот материјал против неа за овој случај, по што изјави дека видела сè освен докази. Таа додаде дека немало нејзин потпис на ниту еден документ доставен како доказ во Обвинителството.
Вчера на распит кај обвинителката Вилма Русковска, во врска со сомненијата за измама и перење пари во проширената истрага за случајот „Рекет“, беше потпретседателката на невладината организација „Меѓународен сојуз“, Јасна Мандиќ.
Овој дел на истрагата, која Обвинителството ја отвори на 9 октомври против пет лица, се однесува на измамите со изградба на центри за возрасни лица, за кои беа барани пари од бизнисмените Силјан Мицевски, Ардијан Амзоски и други.
Од Обвинителството соопштија дека врз основа на предистражната постапка обвинителот што раководи со постапката дошол до сознанија што укажуваат дека во периодот од јули 2017 до април 2018 година првоосомничениот Бојан Јовановски-Боки 13 како претседател на осомниченото правно лице, искористувајќи документи од правното лице, довел и одржувал во заблуда двајца управители на две друштва за градежништво.
Во овој случај осомничени се и Миле Јовановски, таткото на Боки 13 и неговата асистентката Христина Блажевска.
Обвинителката Вилма Русковска викендов најави дека оваа недела ќе биде распитот на осомничените, а обвинение за случајот изјави дека се надева оти ќе поднесе на почетокот на јануари.