Пратеничката Фросина Ременски денеска по излегувањето од Обвинителството за организиран криминал и корупција, каде вршеше увид на доказниот материјал против неа за случајот со Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски – Боки 13, познат како „Рекет 2“ рече дека видела сè, освен докази.
„Јас го остварувам моето право согласно законот. Не би коментирала за доказите бидејќи тоа е надлежност на институциите. На сите прашања ќе одговорам кога ќе дадам исказ пред обвинителство“, рече Ременски.
Таа додаде дека немало нејзин потпис на ниту еден документ доставен како доказ во обвинителството. Се очекува пратеничката утре да даде исказ.
На распит кај обвинителката Вилма Русковска, пак, денеска е Јасна Мандиќ, исто така осомничена во случајот. Таа е заменик-претседателка на Меѓународниот сојуз.
Распитот на осомничените кој почна денеска во саботата го најави Русковска, која исто така, посочи и дека се надева дека ќе поднесе обвинение на почетокот на јануари.
Првоосомничен во случајот е Боки за делата перење пари и за измама. Ременски се товари за помагање на делото измама, додека Мандиќ и таткото на Боки, Миле Јовановски и асистенката Христина Блажевска се осомничени за помагање во делата перење пари и измама. Како правно лице осомничен е и Меѓународниот сојуз.