Романскиот заменик министер за здравство Андерј Бачу вечерва демантираше дека во земјата е регистриран случај на коронавирус. Неговата реакција доаѓа откако локална телевизија повикувајќи се на медицински извори објави дека во земјата е потврден првиот случај на заболен со коронавирус.
„Нема случај со позитивен тест за коронавирус во Романија. Досега има само негативни резултати на тестирањата“, нагласи Бачу.
Романскиот претседател Клаус Јоханис за утре свика седница на Врховниот совет за одбрана, на која ќе се разговара за борбата против коронавирусот, додавајќи дека „работите брзо се менуваат во последните денови во однос на новите случаи, регистрирани во Европа“.
Претходно, локалната телевизија Реалитатеа плус, повикувајќи се на медицински извори, објави дека во Романија е потврден првиот случај на коронавирус кај едно лице кое пред три недели се вратило од Италија и тоа моментно се наоѓа во карантин во болницата за инфективни болести „Матеј Балс“ во Букурешт.
Во регионот единствено Хрватска потврди дека е регистриран случај на заболен од коронавирус. Изминатите денови во повеќе земји се појавија лажни вести за регистрирани случаи кои наводно се кријат од јавноста, а не беше исклучок ниту земјава, каде вчера на социјалните мрежи се појави таква вест која потоа беше демантирана од Министерството за здравство.