Агендата за иницијативата за регионално економско поврзување со што би се овозможиле ефикасни и значителни заштеди во трошоците на трговската размена на годишно ниво е една од темите на кои денеска разговарале премиерот Зоран Заев и регионалната директорка на Светска банка за Западен Балкан, Европа и Централна Азија, Линда Ван Гелдер.
На средбата бил споменат и Регионалниот проект за олеснување во трговијата и транспортот, преку кој Светската банка е вклучена.
„Беше разговарано и за напредокот во поттикнувањето на подинамичен и поконкурентен приватен сектор кој овозможува отворање на нови работни места, како и овозможување на услови за создавање конкурентна, професионална работна сила, која придонесува за економскиот раст и развој на економијата“,
информираат од владината прес-служба.
Соговорниците констатирале дека вториот мандат на Владата треба да се искористи за интензивирање на реформите во областа на економијата и започнување на пристапните преговори со Европската Унија.
На средбата, како што информираат од Владата, била истакната и важноста на Стратегијата за партнерство на С Македонија со Светска банка, со чијашто поддршка се реализираат проекти во патната инфраструктура, енергетиката, комуналната инфраструктура, образованието и здравството.
