Водоснабдувањето во речиси цело Тетово е во прекин откако повторно се јавил дефект на една од главните цевки на водоводниот системот на улицата Цветан Димов кај СВР Тетово, за која првично беше информирано дека е поправена. Но, се појавил и нов дефект на цевка во паркот кај Шарена Џамија, јави порталот Тетово Инфо.
„Со намалувањето на притосокот на водата се појави и втор проблем во паркот кај Шарена Џамија. Се работи за ист довод, иста цевка од салонит со ист квалитет и иста големина. Таа претставува проблем за одржување затоа што е салонитна и подложна на дефекти“,
изјави Љуљзим Шаќири, раководител во ЈКП „Тетово“
Според Шаќири, прво се работи на отстранување на дефектот кај СВР Тетово, а потоа ќе се работи кај Шарената Џамија.
Првите водоводни цевки во Тетово се поставени пред речиси 90 години, а Шаќири вели дека тоа се дотраени цевки и за дел од нив нема записи каде се наоѓаат во подземната инфраструктура. Повика граѓаните да имаат разбирање за ситуацијата.
Вчера половина Тетово беше без вода за пиење поради големиот дефект. Граѓаните на социјалните мрежи негодуваа поради ваквата состојба која денеска е уште полоша.