Пред гласањето, координаторот на СДСМ посочи дека моментно еден пратеник од мнозинството е позитивен на ковид-19, а еден има други здравствени проблеми, така што не биле во можност да присуствуваат на седницата
Со 55 гласа „за“ и 24 „воздржани“, Собранието, неколку минути по полноќ, го донесе ребалансот на буџетот за 2020 година. Кворумот за гласање го обезбеди опозицијата, која потоа гласаше „воздржано“.
ВМРО-ДПМНЕ, како што беше посочено при крајот на денешната расправа за ребалансот, на координациите кај спикерот Талат Џафери, се согласила да прави кворум во салата, иако имаше многу забелешки за измените и дополнувањата на буџетот.
Пред изјаснувањето за ребалансот, координаторот на СДСМ Јован Митревски посочи дека моментно еден пратеник од мнозинството е позитивен на ковид-19 (Славјанка Петровска – н.з.), а еден има други здравствени проблеми, така не биле во можност да присуствуваат на седницата.
Ова е втор ребаланс годинава и за него пратениците расправаа на пленарна седницаво изминатите пет дена. Првиот ребаланс го донесе техничката влада, во првите месеци од ковид-кризата, со уредба со закнска сила.
Во ребалансот се планирани средства за реализација на четвртиот пакет антикризни мерки, во висина од 470 милиони евра за поддршка на граѓаните и на стопанството за справување со последиците од здравствено-економската криза предизвикана од ковид-19.
Во расправата, опозицијата посочуваше дека власта не ја менаџира добро здравствената криза и дека и четвртиот пакет мерки нема да ги даде очекуваните резултати. За мнозинството, пак, донесувањето на ребалансот е неопходно за да може што поскоро да им се помогне на граѓаните и на стопанството.
Со ребалансот се обезбедуваат средства за четвртиот пакет мерки со кои се очекува да се спасат 83 000 работни места преку поддршка за исплата на плати за октомври, ноември и декември во износ од 14 500 до 21 776 денари месечно. Покрај тоа, предвидено е околу 283 000 граѓани да добијат платежни картички од по 6 000 денари за зајакнување на куповната моќ и приватната потрошувачка, а за компаниите погодени од кризата наменети се десетици мерки како грантови, бескаматни кредити, државна и царинска гаранција и даночни олеснувања.
Во новиот ребаланс, вупните приходи се планирани на ниво од 196,3 милијарди денари, расходите на 252,8 милијарди денари или за 5,5 отсто повеќе во споредба со иницијалниот буџет за 2020 година, а дефицитот е позициониран на 56,5 милијарди денари, односно 8,5 отсто од БДП. Капиталните расходи се планирани на ниво од 19,1 милијарди денари или за 0,5 милијарди денари се пониски во однос на планот за 2020 година.