Повеќе пари за капитални инвестиции и вложување во човечкиот капитал, со што ќе се влијае на економскиот раст и животниот стандард на граѓаните. Според владејачкиот СДСМ, предлог-ребалансот ги следи приоритетите на Владата, кои до крајот на годината ќе бидат насочени за справување со последиците од пандемијата, преку зголемување на инвестициите со директна поддршка на активностите на компаниите, отворање на нови работни места преку активните мерки за вработување, како и поддршка и развој на микро, мали и средни претпријатија.
„Се фокусираме на имплементација на капиталните инфраструктурни проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот сектор, земјоделството и заштитата на животната средина. Со предложениот ребаланс на Буџетот се издвојуваат 2,7 милијарди евра за инвестиции во човечки капитал, односно во образование, здравство и социјална заштита, што во однос на периодот од пред три години е повеќе за над половина милијарда евра“,
се вели во партиското соопшение.
Од СДСМ апелираат до пратениците во законодавниот дом да покажат одговорност и да гласаат за усвојување на ребалансот на буџетот за 2021 година.
Но, за опозициската ВМРО-ДПМНЕ ребалансот што се предлага претставува чист предизборен поткуп и оттаму сметаат дека планот не е развоен, туку стагнирачки.
„Со ребалансот на буџетот СДСМ ќе го зголеми дефицитот за 200 милиони евра, и со тоа тој ќе биде 750 милиони евра. Тие 200 милиони евра се пари кои Владата ги нема, и ќе треба да се задолжи за да ги добие. Со тие 200 милиони евра кои треба да ги земе како заеми Владата не прави ништо ново, туку го покрива поткупот. На сето лудило од власта и ненормално трошење на пари, истата крати од парите наменети за изградба на нови училишта и од парите за екологија“,
реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.