Во соопштенијата на МВР и Агенцијата за цивилно воздухопловство, за градот Скопје воопшто не беше спомената ваква забрана. Ова отвора сериозни прашања за правната основа на постапката кон новинарите, реагираат ЗНМ и ССНМ
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразуваат загриженост поради повикувањето на информативен разговор на новинари, меѓу кои и претставници на меѓународни медиуми, на протестот кој вечерва се одржа во Скопје. Според достапните информации, забраната за користење на дронови беше официјално објавена пред 20 часот, речиси два часа откако протестот веќе започна.
„Дополнително, во соопштенијата на Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за цивилно воздухопловство, за градот Скопје воопшто не беше спомената ваква забрана. Ова отвора сериозни прашања за правната основа на постапката кон новинарите“,
се посочува во реакцијата.
Согласно Правилникот за воздухоплови без екипаж (Член 7, Став 1), одредени зони можат да бидат ограничени поради безбедносни или други важни причини, но ваквите одлуки, како што се наведува во реакцијата, мора да бидат прецизно дефинирани и јавно достапни навремено. Општата примена на забраната без претходно известување и врз цел град, како во овој случај, не е во согласност со оваа правна рамка.
„Во интерес на јавноста, бараме од МВР и АЦВ да дадат јасно појаснување за следниве прашања: Зошто забраната за дронови беше објавена дури откако протестот веќе започна? Според најавата, Скопје не беше опфатено, а новинари сепак беа повикани на информативен разговор? По кој правен основ цели градови се опфатени, наместо конкретни зони како што предвидуваат подзаконските акти? Зошто медиумите не беа навремено известени за ограничувањата?“,
се наведува во реакцијата на ЗНМ и ССНМ.
Очекуваме институциите да постапуваат транспарентно и во согласност со законите, со цел да се избегнат дејствија што можат да се протолкуваат како ограничување на работата на медиумските работници и слободата на медиумите и тоа за настани од висок јавен интерес, потенцираат од ЗНМ и ССНМ.
„Воедно, апелираме до новинарите кои користат дронови да го прават тоа одговорно и со внимание, без да ги вознемируваат семејствата и блиските кои поминуваат низ тежок период, особено во наредните денови кога ќе се одржуваат погребите на починатите“,
додаваат од ЗНМ и ССНМ.
Претходно, од МВР за „360 степени“ потврдија дека новинарски екипи на ТВ 21 и на Ројтерс попладнево биле повикани на службен разговор во полициската станица „Центар“. Според полицијата, новинарите биле повикани затоа што за време на протестот во Скопје, на кој се оддаваше почит за загинатите во Кочани, снимале со дрон, a за тоа немале дозвола. Од истите причини полицијата попладнево привела новинарски екипи и на протестот во Кочани.
За време на протестите кои вечерва се одржаа во Скопје и во повеќе градови низ земјава, од МВР испратија известување дека Агенцијата за цивилно воздухопловство забранува да се употребува дрон на територијата на Кочани и Штип.
Во соопштението се наведува дека неовластеното, некоординирано оперирање на овие воздухоплови не само што го загрозува воздушниот сообраќај, туку може да предизвика сериозни последици по животот и имотот на трети лица на земја.
„Оперирање со воздухоплови без екипаж во забранети зони е основ за поведување постапка за санкционирање согласно Законот за воздухопловство“,
извести МВР.