Покрај Дедај, разрешени се и косовските амбасадори во Германија, Албанија, Чешка, Холандија, Унгарија, Хрватска, Словенија, Австралија, Црна Гора, Обединетите Арапски Емирати и Катар
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, на барање на Министерството за надворешни работи и дијаспора, го потпиша указот за повлекување на 12 амбасадори, меѓу кои е и Ѓерѓ Дедај, косовскиот амбасадор во нашата земја, јави МИА од Приштина.
Како причина се наведува дека биле „политички именувани“ од претходните власти.
Шефицата на косовската дипломатија Доника Грвала-Шварц на денешната прес-конференција изјави дека разрешувањето на 12-те амбасадори претставува само еден чекор во правец на реформите што претстојат во дипломатската служба.
„Ослободувањето од должноста и повлекувањето на политички именуваните амбасадори е извршено во духот на усвоената владина програма, со која се предвидува реформирање на дипломатската служба. Во наредните недели ќе бидат избрани новите амбасадори и ќе продолжи реформата, која е задоцнета, но се изготвува сериозно“,
изјави министерката Грвала-Шварц заблагодарувајќи им се на повлечените дипломати за досегашната служба.
Покрај Дедај, разрешени се и косовските амбасадори во Германија, Албанија, Чешка, Холандија, Унгарија, Хрватска, Словенија, Австралија, Црна Гора, Обединетите Арапски Емирати и Катар.