Средношколците летниот распуст ќе го почнат на 9 јуни, а за разлика од нив основците оваа година ќе одат на училиште до 14 јуни, односно четири дена повеќе
Во периодот од 26.10.2022 до 2.3.2023, од добиените пријави за наводно поставени експлозивни направи, 544 се во основни училишта, 332 се во средни училишта, односно опфатени се вкупно 876 училишта, информираат од МВР

Учебната година, која ќе остане запаметена по многуте дојави за бомби кои стигнуваа до електронските адреси на училиштата, евакуациите на учениците и наставниците, прекинувањето на наставата, стигна до крај.
Остануваат само уште неколку дена до крајот на учебната година. Но, таа годинава нема да заврши за сите ученици во исто време. Средношколците летниот распуст ќе го почнат на 9 јуни, а за разлика од нив основците оваа година ќе одат на училиште до 14 јуни, односно четири дена повеќе.
„360 степени“ праша во Министерството за образование и наука (МОН) кога завршува учебната година и зошто основците ќе одат на училиште четири дена повеќе од средношколците, но оттаму не добивме конкретен одговор.
„Министерството за образование и наука во неколку наврати ја информираше јавноста дека учебната 2022/2023 година за основците ќе заврши на 14 јуни, а за средношколците на 9 јуни, и тоа е наведено во изменетите календари за организација на работата на училиштата за оваа учебна година, објавени на веб-страницата на МОН и доставени до сите училишта“,
велат од МОН.
Измените и продолжувањето на учебната година од МОН ги оправдуваат со тоа што второто полугодие наместо на 18 јануари започна на 23 јануари.
„Тоа беше направено заради заштита на здравјето на учениците и заштеда на електрична енергија за греење, за што исто така и училиштата и јавноста беа навремено известени“,
додаваат од МОН.
Но, оттаму недостига одговор на прашањето на „360 степени“ зошто одлуката за продолжување на учебната година важи само за основците, а не и за средношколците, со оглед на тоа што и за нив второто полугодие почна на 23 јануари.
„Бомба“ учебна година
Учебната година нема да остане запаметена само по тоа што нема да заврши во исто време за сите ученици.
Оваа година, освен учениците, чести посетители во училиштата беа антитерористичките тимови на Министерството за внатрешни работи кои ги вршеа проверките за наводно поставени експлозивни направи. Одговорите што стигнуваа од МВР, а за кои некогаш требаше да се чека и по неколку часа, за среќа, секогаш беа дека станува збор за лажни дојави за бомби.
При секоја дојава за бомба, за која од МВР имаше известување до медиумите, речиси секогаш беа споменувани неколку исти средни училишта.
„360 степени“ праша во Министерството за внатрешни работи колку дојави за бомби имало во основните и средните училишта, а оттаму ни беше посочено дека биле опфатени вкупно 876 локации.
„Во периодот од 26.10.2022 до 02.03.2023 за добиени пријави за наводно поставени експлозивни направи, 544 се во основни училишта, 332 се во средни училишта, односно опфатени се вкупно 876 училишта. Во истиот период пријави за наводно поставени експлозивни направи се пристигнати од вкупно 76 електронски адреси“,
информираат од МВР.

Во периодот кога училиштата секојдневно имаа дојави за наводно поставени бомби, министерот за образование и наука Јетон Шаќири најавуваше дека загубените часови ќе треба да се надоместат во второто полугодие. Тој велеше дека не е исклучена можноста тоа да биде после работното време или во јуни.
„До крајот на првото полугодие ќе извршиме целосна анализа на сите делови од програмите кои не се обработени на основните и средните училишта и по доставувањето список од тие училишта што е изгубено ќе донесеме одлука како тоа ќе се надоместува во второто полугодие“,
велеше Шаќири.
Но, оттогаш не се донесе никаква друга одлука освен таа кога завршува учебната година.
На прашањето на „360 степени“ во кои училишта имаше најмногу дојави за бомби и како таму се исполнија сите предвидени работни денови, одговорот од МОН е повторно краток.
„Според информациите на МОН, училишните раководства, чија обврска е организирањето на наставата, ги имаат надополнето пропуштените наставни часови поради заканувачките дојави во изминатите месеци“,
одговорија од МОН.
Дојавите за поставени бомби од почетокот на март годинава донесоа нови протоколи по кои се постапуваше во училиштата.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека МВР патролно веќе ги обезбедувало сите училишта 24 часа, но согласно новиот акт, веднаш по дојавата за бомба ќе треба да се преземат одредени мерки и, како што рече, од тоа нема да има отстапки затоа што никој не може да понесе одговорност за што било ако не е постапено согласно упатството.
Откога беа воведени новите протоколи за функционирање во услови на дојава за експлозивни направи, имаше само две дојави за поставени бомби.
Министерот потоа рече дека интензивно се работи на откривање на сторителите велејќи дека имаат една изолирана поголема група и дека се работи на случајот. Последните дојави, како што велеше Спасовски, биле испратени од ИП-адреси во Иран и Русија, а уплатите за ВПН-услугите се извршени со крипто-валути, што го отежнува пронаоѓањето.
На прашањето на „360 степени“ колку лица досега се откриени дека стојат зад лажните дојави за бомби, од МВР ни рекоа дека се поднесени четири кривични пријави за четири лица, а се работи на уште неколку случаи со лица инволвирани во лажните пријави, за што по расчистувањето на случаите ќе бидат поднесени соодветни пријави.