Проценката за бруто-домашниот производ на земјава за 2022 година е намалена за 0,2 отсто, а за оваа година за 0,3 отсто во однос на последниот извештај од септември минатата година, соопшти ЕБОР
Растот на бруто-домашниот производ (БДП) во 2022 година во С Македонија бил 2,5 отсто, оваа година ќе биде 2 отсто, а наредната 3 отсто, велат ажурираните економски прогнози на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за регионите што ги покрива и проценките за земјава.

Проценката за бруто-домашниот производ на земјава за 2022 година е намелена за 0,2 отсто, а за оваа година за 0,3 отсто во однос на последниот извештај од септември минатата година, соопшти ЕБОР.
Проценката за регионот на Западен Балкан е дека растот на БДП минатата година бил 3 отсто, додека годинава според Европската банка за обнова и развој тој ќе биде 2,2 отсто, а во 2024 година ќе достигне 3,4 отсто.
Споредено со последниот извештај и оценка на ЕБОР од септември лани, проценетиот раст на БДП за Западен Балкан за годинава е намален за 0,8 отсто, а како причини се наведуваат слабата надворешна побарувачка, високата инфлација и построгите услови за финансирање.

Високите цени на енергенсите и инфлацијата продолжуваат да влијаат на економските изгледи на сите региони што ги покрива банката, а кои опфаќаат три континенти.
Прогнозите за раст се со надолни проекции во повеќе од половината од 36 економии во кои работи Европската банка за обнова и развој, со многу малку нагорни проекции. Просечната инфлација во регионите на ЕБОР во декември падна на 16,5 отсто, откако го достигна врвот од 17,5 отсто во октомври.
Европската банка за обнова и развој проценува дека просечниот раст на БДП во регионите што ги покрива лани бил 2,4 отсто, годинава ќе изнесува 2,1, а во 2024 ќе достигне 3,3 отсто.
Банката најавува дека посеопфатен извештај за економските перспективи ќе објави во мај.
Инаку, според Буџетот на С Македонија за 2023 година што Собранието го донесе на 23 декември, минатата година економскиот раст на земјава за оваа година е проектиран на 2,9 отсто.