Повеќе од половина новинари што се наоѓаат зад решетки се во пет земји во светот
Расте бројот на новинари кои се во затвор, констатира невладината организација „Репортери без граници“ во својот најнов извештај.
Годинава тој број изнесува 533, додека лани имало 488 новинари кои завршиле зад решетки. Кога станува збор за жени новинари, годинава биле затворени 78, додека лани биле 60.
Зголемен е и бројот на убиени новинари. Годинава се 57. Лани беа 48, а во 2020 година – 50.
Повеќе од половина од случаите на новинари во затвор оваа година (податоци од 1 декември) се во пет земји: Кина (110 случаи), Мјанмар (62), Иран (47), Виетнам (39) и Белорусија (31).
Во извештајот на „Репортери без граници“ се истакнува дека иранските власти затвориле голем број новинари во последните 20 години, откако Исламската Република беше зафатена од масовни протести кои започнаа во септември.