Генералниот секретар на Владата се огласи по објавувањето на вториот аудио запис, по кој опозицијата повторно побара оставка од него и го обвини дека влијаел врз тендерот за набавка на радарска опрема за М-НАВ.
Многу е едноставен одговорот на сите обвинувања. Јавете се во компанијата „Леонардо“ и прашајте: Дали Генералниот секретар ви побарал материјална или друг вид на корист било кога?,
напишал Рашковски на својот профил на Фејсбук.
Премиерот Заев денеска прашан дали Драги Рашковски ќе понесе одговорност и ќе треба да поднесе оставка рече дека ќе одлучи откако ќе ги слушне снимките и ќе ги разгледа документите.
„Јас таму видов дека се спомнуваат некои записници, што само по себе потврдува што е суштината на самите состаноци, но дозволете ми да ги видам аргументите, да ги видам снимките. Јас внимателно ја следам јавноста за сите овие постапки. Секако стојам на ставовите дека, како што реков, не треба никој што добил задача, чест и одговорност да извршува јавна функција или да биде сервис на граѓаните да биде, на некој начин, боксерска вреќа“,
рече Заев.
Премиерот потенцира дека доколку Рашковски се огрешил, има закони според кои ќе одговара но, има, како што додаде, и етички дел, „треба да се знае каде поминува границата или не“.