Дали учествувале во изготвувањето на одговори од Генералниот секретаријат до ОЈО ГОКК во врска со предметот „Софтвери“, дали интервенирале во нивната содржина и зошто е токму таков одреден одговорот, се дел од околностите за кои Рашковски денеска бараше појаснувања од тројца вработени во оваа институција. Станува збор за дописи од Генералниот секретаријат до обвинителството во период кога генсек на Владата беше Мухамед Зеќири

Тројца вработени во Генералниот секретаријат на Владата, меѓу кои шефот на кабинет на поранешниот генсек Мухамед Зеќири, денеска се појавија како сведоци на судското рочиште за предметот „Софтвери“ каде што првообвинет е претходникот на Зеќири, Драги Рашковски.
Тие беа повикани како сведоци од Рашковски, кој денеска преку прашањата се обидуваше да добие одговор дали тие ги пишувале одговорите на барањата од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во периодот кога на функцијата генерален секретар беше Мухамед Зеќири.
Рашковски за сите имаше прашање на која позиција биле во периодот од март 2021 до април 2022, што всушност е периодот од три месеци по назначувањето на Зеќири за генсек (24 ноември 2020), па сè до неговата оставка. Ги прашуваше и кои биле нивните работни обврски, а потоа им предочуваше документи и ги прашуваше дали тие учествувале во изготвувањето.
Прва сведочеше Зорица Стојановиќ, која во тој период била помошник-раководител на Секторот за правни работи. За еден од дописите за кои таа рече дека ги изготвила, а во кој се дава одговор кои документи се дел од тендерска документација со еден од софтверите, наведена е и одредена електронска комуникација што ја има еден од обвинетите.
„Зошто ја ставивте таа комуникација?“, праша Рашковски.
„Затоа што кога сме го подготвувале одговорот сме се обратиле до надлежниот сектор, а тоа е секторот за јавни набавки, а ни даде одговор со која документација располага за барањето на ОЈО ГОКК. И во принцип сите одговори се така доставени, ние сме добивале документи од надлежните сектори и сме одговарале“,
рече Стојановиќ.
Рашковски праша и за друг документ за кој таа рече дека веројатно го изготвила. Станува збор за допис во кој Генералниот секретаријат го известува ОЈО ГОКК дека не располага со документација за тестирање на софтверот за сообраќајни прекршоци, па Рашковски праша какви анализи направила сведокот за да изготви таков одговор.
„Претпоставувам ова е направено согласно насоки од кабинетот на генералниот секретар. Барањата стигаат до кабинетот, ме повикуваат да ме известат дека стигнало барање, ми даваат насоки и евентуално ако треба да се приберат документи од други сектори за да се одговори“,
рече Стојановиќ.
По ова Рашковски потпраша: „Значи ова не е ваше истражување туку сте добиле насока ’напишете дека немаме такви документи‘?“.
„Па да, претпоставувам кабинетот вршел анализи и проверки“,
рече сведокот.
Уште еден документ за кој поранешниот генсек прашуваше беше допис во кој Генералниот секретаријат одговара дека не располага со одлука на Владата за набавка на софтвер за определување на просечна брзина на возилата, па она што го интересираше беше што значи тоа – дали дека Генералниот секретаријат нема потреба за да има одлука од Влада за распишува тендер или дека била потребна одлука, но во случајот не била донесена.
„Обвинителството бараше информација дали има информација, одлука или заклучок со кој се задолжува Генералниот секретаријат. Од Секторот за седници баравме одговор да ни обезбеди таква информација. Одлука како одлука за набавка од страна на Владата нема затоа што Владата не носи такви одлуки, но може да има заклучок со кој се задолжува одредена институција“,
рече Стојановиќ.
По неа во судница се појави и Агим Махмути кој бил шеф на кабинетот на Зеќири. И нему Рашковски му ги предочуваше документите и прашуваше дали знаел за нив, интервенирал во содржина итн., но сведокот рече дека во тој период бил ангажиран како обучувач во ДИК и бил ослободен од работа и рече дека не интервенирал во документот што му беше покажан.
Кратко сведочење имаше и Мирче Јанев, кој бил кабинетски службеник во кабинетот на Зеќири. Меѓутоа, тој рече дека најголем дел од неговата работа била поврзана со Секторот за човечки ресурси, а за правните работи посочи дека иако имале одредени консултации со генералниот секретар, на дописи и барања си одговарал Секторот за правни прашања. За документите што му ги покажаа, пак, рече дека ги има видено, но не ги подготвувал тој.
Случајот „Софтвери“ е во фаза на изведување материјални докази и сослушување сведоци по предлог на одбраната, па така и наредната недела судскиот процес ќе продолжи со искази на двајца вештаци.
Рашковски како првообвинет се гони за делата злоупотреба на службената положба и овластувања и перење пари. Со него се обвинети уште шест лица поврзани со фирмата „Инвока“ од која бил купен софтверот за сообраќајни прекршоци, но и лица кои биле соработници, а некои од нив и хонорарци во Владата: Ивица Димитровски, Игор Христов, Даниел Станчев, Ирена Ивановска, Игор Ивановски и Маја Силјановска.
Случајот е поврзан со јавни набавки поврзани со софтверите за мерење просечна брзина на возилата и изрекување казни и за биометриска идентификација, како и со исплата на хонорари од Генералниот секретаријат.
Случајот за Рашковски го отвори „360 степени“ откако во март 2021 година објавивме дека Генералниот секретаријат на Владата, додека со него раководеше Рашковски, купил софтвер за сообраќајни прекршоци вреден 81 000 евра, иако ниедна институција ниту го барала ниту го користи, како и дека пред да го купи, како генерален секретар на Владата, тој лично развил таков софтвер за сообраќајни казни и го патентирал.
Рашковски тврдеше дека софтверот треба да биде дел од т.н. „Сејф сити“, но единствената институција со право да казнува, Министерството за внатрешни работи, брзо ја урна тезата на Рашковски со ставот дека ниту барало ниту планира да го користат софтверот за кој никој не го прашал.
Набргу потоа Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори предистрага, а потоа и истрага. Во истрагата беа споени и други предмети, а на 8 октомври лани беше поднесено обвинение. Кривичен го прифати во целост обвинението на 29 декември 2021.