Северна Македонија треба без двоумење да го прифати новиот француски предлог, смета албанскиот премиер Еди Рама. Тој вели дека предлогот го отвора патот за отворање на преговори за Албанија и Северна Македонија.
На средба со новинарите, по Самитот на НАТО, што се одржа во Мадрид, Рама ги изнесе напорите вложени за постигнување договор со кој се отвора патот за официјалното отворање на преговорите.
Тој додаде дека цело време бил во контакт со францускиот претседател Емануел Макрон, кој, според него, заслужува голема благодарност и признание, затоа што тој лично го следел овој процес.
„Според мое мислење, новиот предлог, кој е и последен, мора добро да го разберат во Северна Македонија, е целосно прифатлив предлог и владата, мнозинството, парламент, треба да го прифатат без двоумење. Општеството во Северна Македонија треба да се чувствува целосно ослободено затоа што ќор – сокакот е надминат и елиминирани се некои нијанси што го направија неприфатлив претходниот предлог“,
рече Рама.
Албанскиот премиер вчера на социјалните мрежи објави дека ѝ се дава можност на Северна Македонија за безусловен пристап и го отвора патот за официјален почеток на преговорите за членство на двете земји во Европската унија. Тој во објавата додаде: Им велам на браќата Македонци и Албанци во Северна Македонија: Прифатете!, напиша Рама.