„За нас е апсолутно клучно иако сè уште не сме во ЕУ, да бидеме Европејци“, потенцирал албанскиот премиер.
Се надевам дека нема да има друга криза, за да имаме уште една средба, изјавил албанскиот премиер, Еди Рама во куса изјава за новинарите пред почетокот на состанокот на Европската политичка заедница што денеска се одржува во Прага, Чешка, пренесува Топ чанел.
„Ова не е нова идеја, тоа е многу стара идеја. Се роди во време на криза и се надевам дека нема да има друга криза, за да имаме уште една средба. Но, од оваа средба ние ќе продолжиме и ќе направиме нешто за иднината на Европа, за целата европска заедница и човештво“,
рекол Рама.
Тој додал дека Албанија е дел од регионот на Западен Балкан, опкружена со земјите од Европската Унија како целина.
„За нас е апсолутно клучно иако сè уште не сме во ЕУ, да бидеме Европејци“,
потенцирал албанскиот премиер.
Првиот состанок на Европската политичка заедница во Прага започна со официјален пречек на шефовите на држави и влади од страна на чешкиот премиер, Петр Фиала.
На самитот учествуваат вкупно 44 шефови на држави и влади од Европа, а на официјалната пленарна сесија воведно обраќање имаше Фиала, кој истакна дека овој собир е значаен со оглед дека за прв пат учествуваат шефовите на државите и владите од европскиот континент во пошироката смисла и зборуваат на рамноправна основа.
Во делегацијата на земјава предводена од премиерот, Димитар Ковачевски се и шефот на дипломатијата, Бујар Османи и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Целта на оваа средба е да се дејствува заеднички, со што ќе се акцентира важноста од дијалогот за мир и безбедност, како и од заеднички решенија за диверзификација на изворите за снабдување со енергенси.