За давањето збор на Зеленски, рускиот амбасадор директно ја укори Албанија, односно албанскиот премиер Еди Рама кој претседаваше со седницата на Советот за безбедност, велејќи дека покажува отворено непочитување на практиките на Советот. На неговата забелешка следеше одговор од Рама, кој познат по својата смисла за хумор, иронично рече дека и за тоа постои решение – Русија да ја прекине војната во Украина и Зеленски нема да говори
Рускиот амбасадор во Обединетите нации Василиј Небензја на почетокот на состанокот на Советот за безбедност се спротивстави украинскиот претседател да земе збор и да говори за агресијата на Москва во неговата земја.
За давањето збор на Зеленски, рускиот амбасадор директно ја укори Албанија, односно албанскиот премиер Еди Рама кој претседаваше со седницата на Советот за безбедност, велејќи дека покажува отворено непочитување на практиките на Советот.
„Жалиме што албанското претседателство покажува отворено непочитување на практиките на консензус на Советот за безбедност. Тие ги ставаат своите политики и идеолошки убедувања во НАТО над обврските на Советот за безбедност, кој ги одредува процедурите и мора да одржи непристрасен став. За жал Албанија денеска не успеа да направи такво нешто“,
рече рускиот амбасадор.
На неговата забелешка, како што пренесе „Гласот на Америка“ на македонски јазик, следеше одговор од Рама, кој познат по својата смисла за хумор, иронично рече дека и за тоа постои решение – Русија да ја прекине војната во Украина и Зеленски нема да говори.
„Бидејќи многу пати повторивте дека прекршувањето е затоа што претседателот Зеленски зборувал пред членовите на Советот, има решение за ова, ако се согласувате. Прекинете ја војната и претседателот Зеленски нема да зборува. Она што Зеленски го прави важен тука, да зборува тука пред нас, а потоа и да го дискутираме тоа што го кажал произлегува токму од вас, а не од наша страна“,
рече Рама.
По седницата, Зеленски на социјалните мрежи му се заблагодари на Рама, велејќи дека му „покажа светот како правилно да се справи со Русија, нејзините лаги и лицемерие“.
Dear @EdiRamaal, today at the UNSC you showed the world how to correctly handle Russia, its lies, and its hypocrisy. I thank you for steering the Presidency in such a principled manner. pic.twitter.com/0wKca8xZon
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) September 20, 2023
Во обид да ја оправда својата инвазија, Москва рече дека амбициите на Украина да се интегрира со Западот, вклучувајќи го и НАТО, претставуваат закана за националната безбедност на Русија, пренесува „Гласот на Америка“.
Од друга страна, Зеленски кога му беше даден збор, побара на Русија да ѝ се одземе правото на вето како една од петте постојани членки на на Советот за безбедност на Обединетите нации, како казна за нејзината воена агресија во Украина.
По заминувањето на Зеленски, во просторијата каде заседава Советот за безбедност се појави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров кој ја бранеше употребата на ветото од страна на Москва како легитимна, обвинувајќи ги Киев и Западот дека селективно ги следат принципите на Повелбата на ОН од 1945 година и само во случаи кога тоа им одговара.