Доколку Албанија немаше проблеми, денес ќе бевме во ЕУ. Затоа влеговме во оваа битка за реформа во правосудството, изјавил албанскиот премиер за француската телевизија Франс 24
Албанскиот премиер Еди Рама за француската телевизија Франс 24 изјавил дека повеќе ништо не може да го изненади од Брисел.
„Мора да се каже дека пред пандемијата беше одлучено да се отворат преговорите. Потоа беше донесена одлука за одложување на конференцијата. Чекаме пред вратата на ЕУ со години и веќе ништо не ме изненадува од Брисел, бидејќи секој ден има внатрешна динамика и секој ден по некоја тешка историја“,
рекол тој, како што пренесува МИА.
Рама ја поздрави „одлуката на ЕУ да ги отвори вратите за Албанците“, посочувајќи „направивме сериозна работа и со резултати кои беа ценети од целиот свет“.
Албанскиот премиер се осврнал на борбата против корупцијата, а ја коментирал и пресудата на поранешниот главен државен обвиинител Адриатик Лала, што ја смета „добар сигнал за владеењето на правото“.
„Доколку Албанија немаше проблеми, денес ќе бевме во ЕУ. Затоа влеговме во оваа битка за реформа во правосудството. Ако поранешниот главен обвинител и поранешните личности од судството и политиката се осудени, тоа е добар сигнал за правната држава. Затоа ние продолжуваме со овој процес на преговори, за да изградиме правна држава, една функционална демократија“,
истакна Рама.
Во однос на парламентарните избори кои се одржаа на 25 април, а опозицијата обвинува за изборен масакр, тој вели дека тие се признати од ОБСЕ/ОДИХР.