Лидерот на Конфедерацијата на слободни синдикати им порача на трговците да не ги злоупотребуваат законите и цените на производите да бидат во рамки на она што граѓаните можат да го издржат
Трговците во малопродажбата да не ги злоупотребуваат законите и цените на производите да бидат во рамки на она што граѓаните можат го издржат, порачаа денеска од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС).
Оттаму велат дека доколку тоа не се почитува граѓаните ќе се доведат до колапс кој ќе го почувствуваат сите, па дури и тие како претприемачи во малопродажбата.
Претседателот на КСС, Благоја Ралповски вели дека трендот на намалување на инфлацијата се должи на мерките, но и на намалувањето на инфлацијата во Европската Унија.
„Не треба да заборавиме дека изминатите две години имавме енормно зголемување на цените, инфлацијата беше над 25 отсто, а за секојдневните потреби, пред сѐ за храна, над 50 отсто“,
рече Ралповски на денешната прес-конференција.
На прашањето дали очекува инфлацијата од следниот месец да се покачи, со оглед на тоа дека од март веќе не важат замрзнатите цени на производите, Ралповски посочи дека ако се спроведуваат доследно законите трговците нема да се осмелат вештачки да создадат инфлација.
„Тоа е надлежност на Министерството за економија и на Организацијата за заштита на потрошувачите. Ако тие доследно ги спроведуваат законите и трговците нема да се осмелат вештачки да направат една инфлација. Апелирам до сите, до институциите, работодавачите, трговците и производителите на храна, коишто секогаш ги забораваме, а мислам дека од таму потекнува порастот на цените, да имаат чувство затоа што заедно треба да излеземе од овие турбуленции во делот на инфалцијата и ценовни шокови кои ги трпат граѓаните“,
рече Ралповски.
Ралповски вели дека цената на млекото и на млечните производи енормно расте, а според него проблемот не треба да се бара само во трговците, туку и кај преработувачите, за кои вели, дека се штитат од институциите.
Од 1 март, кога престана да важи мерката „гарантирана цена“, дел од производите во маркетите почнаа да се продаваат по повисоки цени. За реакциите на граѓаните за повисоките цени, владини претставници велат дека Државниот инспекторат е постојано на терен и се прават контроли. Решението на проблемот од Владата го гледаат во предлог-законот за нефер трговски практики кој ги помина комисиските филтри и треба да се најде на пленарна седница во Собранието.
Со донесувањето на предлог-законот се очекува да се постигнат позитивни ефекти во деловното работење кај сите оператори (купувачи и добавувачи), кои се активни во синџирот снабдување со земјоделство и храна во различни фази на производство, преработка, маркетинг, дистрибуција и малопродажба на земјоделски и прехранбени производи и соодветна примена на забраните на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи.
Со предлог-законот, како што се посочува во образложението, се обезбедува начинот за поефикасни контроли и надзор на Комисијата за заштита на конкуренцијата која добива дополнителна надлежност.
Надлежните очекуваат да се стави крај на нелојалната конкуренција во трговијата и дека овој закон ќе доведе до намалување на цените на прехранбените производи.
Во меѓувреме, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи ги повика медиумите в сабота да одат заедно во шест различни маркети со различни брендови за да ги видат цените на еден до два производа. Битиќи вели дека ако има навистина зголемување в понеделник ќе оди во Комисијата за заштита од конкуренција да поднесе претставка.