Руска ракета го погоди пристанишниот град Одеса. Засега нема информации за евентуални жртви или материјална штета. Локални функционери велат дека во Киев и Днепар работат системите за противвоздушна одбрана со цел соборување на проектили
Сирените за тревога поради руски напади се огласиле низ Украина утринава, вклучително и во главниот град Киев. Неколку украински региони денеска се во состојба на готовност поради ракетните напади, а сирените за воздушен напад се огласиле во Одеса, Полтава, Днепропетровск, Суми и Николаевската Област, како и делови од Кировоградската Област.
Руска ракета го погоди пристанишниот град Одеса. Засега нема информации за евентуални жртви или материјална штета.
Гувернерот на Одеса, Максим Марченко, изјави дека е погоден инфраструктурен објект и истакна дека постои опасност од „масовен ракетен напад на територијата на цела Украина“.
Исто така, сирените се огласија и во Запорожје и Херсон, кои се под контрола на Киев.
Локалните власти го повикаа населението да побара засолниште.
Локални функционери рекоа дека во Киев и Днепар работат системите за противвоздушна одбрана со цел соборување на проектили.
Кирило Тимошенко, заменик-шеф на канцеларијата на Зеленски, рече дека неколку експлозии одекнале во центарот на Днепар. Оштетени се два инфраструктурни објекти, а најмалку едно лице е повредено.
Ова е уште еден напад врз украинската енергетска инфраструктура. Шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Андриј Јермак, утринава изјави: „Непријателот мисли дека ќе ја ослабне нашата одбрана со удар на енергетската инфраструктура. Тоа е наивна тактика на кукавици и губитници, но ние сме подготвени на тоа. Нема да успеат, ќе ги згазиме“.
„Украина веќе претрпе исклучително тешки удари, кои ги немаа резултатите на кои се надеваа руските кукавици. Нема да успеат, ние ќе ги згазиме“,
додаде Јермак.
Украинската агенција Интерфакс јавува, повикувајќи се на украинскиот премиер Денис Шмихал, дека Русија со ударите од утринава ја гаѓа украинската инфраструктура за производство на гас и фабриката за ракети.