Двата медиуми кои успеале да влезат во групата и сами посведочиле за содржините што се споделуваат се обратиле до МВР, но засега од таму не добиле одговор
На апликацијата Телеграм (слична на Вајбер) креирана е група насловена како „Јавна соба“ на која се споделуваат и се коментираат експлицитни фотографии и видеа на малолетни девојчиња од земјава.
Ваква информација пристигнала до редакциите на Радио МОФ и на А1.он кои успеале да влезат во групата и откриле фрапантни податоци – групата постои околу еден месец, има над 7.400 членови, а зачленување оди преку испраќање приватни пораки, по што автоматски си дел од групата.
Средношколци членови на групата за Радио МОФ сведочат дека дел од сликите кои се објавуваат и се коментираат се преземени од отворени профили и тоа најчесто се малолетни девојчиња, при што се споменуваат со имиња и презимиња или со местото на живеење.
Новинарите на Радио МОФ и самите биле сведоци како во рок од половина час биле споделени десетина видеа и фотографии со експлицитна содржина, на што следувале неколку стотици коментари.
А1.он стапиле во контакт и со професорка од едно средно училиште која раскажал дека тоа се фотографии и видеа од малолетни девојчиња од 12 и 13 години и малку повозрасни, дел од фотографиите се од нивните профили, но некои се и добиени од приватни комуникации со пријатели или парнери. Професорката се сомнева дека голем дел од профилите се и лажни и не се знае возраста на членовите. Она што е шокантно, според неа, е што во дел од случаите се работи за порнографски фотографии кои секој од членовите може да ги зачува и да ги користи.
Двата медиума кои сами посведочиле за содржините што се споделуваат во оваа група на Телеграм се обратиле до МВР, но засега од таму не добиле одговор.