Во соопштението што го пренесуваат бугарските медиуми се посочува дека тој будно ја следи дебатата во РСМ, и смета дека во одредени политички кругови созрева идејата за вклучување на македонските Бугари во Уставот на Република Северна Македонија
Претседателот на Бугарија Румен Радев ги поздрави напорите на двете влади за продлабочување на билатералните односи и преговарачкиот процес и очекува новата атмосфера на зголемена доверба да ја олесни работата за нерешените политички прашања кои го попречуваат отворањето на вратата за членство на Северна Македонија во Европската Унија.
„Овие прашања се исклучително важни за безбедноста и просперитетот на целиот регион“,
се вели во соопштението од прес-службата на Раадев за средбата со премиерот на С Македонија Димитар Ковачевски, објавија бугарските медиуми.
„Работите и на временски распоред, која секторска група што да прави, си давате рокови. Да се обидеме да го воведеме истиот пристап за решавање на отворените политички проблеми“,
рекол Радев.
Тој посочува дека будно ја следи дебатата во РСМ, и смета дека во одредени политички кругови созрева идејата за вклучување на македонските Бугари во Уставот на Република Северна Македонија.
Радев притоа повикува на, како што се наведува, отворен, искрен дијалог, политичка волја и мудрост.
„Ако ова е факт, Бугарија ќе биде земјата на која ќе може да сметате за интеграција на Северна Македонија во ЕУ“,
нагласил Радев.
Македонскиот премиер, се вели во соопштението, изразил задоволство од гостопримството, му го честитал вториот мандат на претседателот Радев и 15-годишнината од членството на Бугарија во Европската унија, како и тоа што Бугарија прва ја признала независноста на Скопје, потврдувајќи дека има нова динамика во односите од која корист ќе имаат граѓаните на двете земји.
Претходно, за средбата соопштение објави и прес-службата на нашата Влада.
Како што соопштија од Владата, Ковачевски, на средбата, изразил надеж дека со конституирањето на највисоките државни институции по изборите, како и со новиот состав на Владата во Скопје следи период на политичка стабилност кој треба да се искористи за напредок на односите меѓу двете земји.
Ковачевски изразил задоволство од резултатите од заедничката седница со Владата на Бугарија, со што, како што се посочува, двете земји започнуваат еден нов процес на соработка, со цел да се обезбеди интензивирање и продлабочување на добрососедските односи во многу области.