Бугарскиот претседател кажал оти Софија најсилно ја посакува интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија, но дека претходно мора да ги спроведе преземените обврски. Прашањето за правата на Бугарите во земјава, рекол Радев, не е билатерално ниту, пак, е балкански спор, како што се обидува да се претстави, туку ги засега основите на ЕУ
Бугарија не поставува нови услови за европската интеграција на Северна Македонија, но инсистира земјата да ги исполни веќе преземените обврски од преговарачка рамка која ја усвои минатата година.
Ова, како што јави Бугарската национална телевизија (БНТ), го изјавил бугарскиот претседател Румен Радев во својот говор за време на синоќешната промоцијата на книгата „Борбата на македонските Бугари за права и независност. 68 случаи од периодот 1944-1994 година“.

Радев кажал оти Софија најсилно ја посакува интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија, но дека претходно мора да ги спроведе преземените обврски. Прашањето за правата на Бугарите во земјава, рекол Радев, не е билатерално ниту, пак, е балкански спор, како што се обидува да се претстави, туку ги засега основите на ЕУ.
„И денес, кога нè повикуваат да не поставуваме нови услови за евроинтеграциите на РСМ, кога нè повикуваат да престанеме да гледаме во минатото, туку само напред, само кон иднината, мораме мирно и јасно да кажеме дека не поставуваме никакви нови услови. Сакаме Скопје единството да ги исполни веќе преземените обврски кои се утврдени во преговарачката рамка“,
изјавил бугарскиот претседател, кого го цитира БНТ.
Со јазикот на омразата, додал Радев, не можеме да градиме добрососедски односи и одржлива европска иднина.
Бугарскиот претседател ова го кажа по низата изјави на претставници на Европската Унија во изминатиов период во кои се нагласува дека билатералните прашања меѓу С Македонија и Бугарија не треба да бидат обврзувачки.
Ваква изјава неодамна даде високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел кој кажа дека нема пречки за пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ, а оти билатералните прашања нема да го одредат процесот на нејзиното пристапување кон ЕУ.
Германскиот канцелар Олаф Шолц, пак, пред два дена во Берлин изјави дека пристапните преговори за С Македонија кон ЕУ треба да се одвиваат по редовен процес, согласно она што е одредено во преговарачката рамка, и дека не треба да има нови барања што се однесува до билатералната состојба меѓу земјава и Бугарија.
