Ова претседателот на Бугарија Румен Радев го кажал во одговор на новинарско прашање од бугарскиот медиум БГНЕС дали во селото Баница ќе биде поставена спомен плоча на, како што се вели во објавата на медиумот, великобугарскиот револуционер и водач на ВМРО
Претседателот на Бугарија Румен Радев денеска изјави дека ќе ја поддржи иниијативата за подигање спомен плоча на Гоце Делчев во селото Баница, местото каде што тој загина во 1903 година, по повод 120-годишнината од смртта на револуционерот, јави БГНЕС.
Ова Радев го кажал во одговор на новинарско прашање од медиумот дали во селото Баница ќе биде поставена спомен плоча на, како што се вели, великобугарскиот револуционер и водач на ВМРО.
„Не гледам проблем, Грција, која е суверена држава, и се грижи за спомениците на нејзината територија, треба да даде можност за таков споменик, особено што Гоце Делчев е бранител на слободата на сите луѓе, без разлика во која земја живееле“,
рече Радев.
Потоа шефот на Бугарија ја цитирал познатата фраза на Гоце Делчев „За мене иднината на светот е како територија за културна соработка“, и порачал дека токму тоа го прават денеска Бугарија и Грција.
„Бугарија и Грција ги оставија настрана сите противречности во минатото и во моментов се модел и пример за стратешко партнерство и разбирање“,
рече Радев.
Грчката претседателка Катерина Сакеларопулу по денешната средба со Радев изјави дека доколу има такво барање за поставување спомен плоча на Гоце Делчев во Баница, тогаш надлежните органи ќе го разгледаат.
Заедничката историска комисија на Македонија и Бугарија која е формирана согласно Договорот за пријателство потпишан во 2017 година меѓу двете земји четири години не успеа да дојде до заедничка препорака за чествување на Гоце Делчев.
Досега, македонско-бугарска комисија ги усогласи препораките за заедничко чествување на св. Кирил и Методиј, св. Наум Охридски, св. Климент Охридски и цар Самоил.