Работната група за проширување и за земјите кои преговараат за пристапување во ЕУ (ЦОЕЛА) е тело на Советот на ЕУ, составено од дипломати од сите земји членки на ЕУ, а е задолжено за процесот на проширување и односите со земјите кандидати кои преговараат за нивно пристапување во ЕУ
Ова е прва работна посета на ЦОЕЛА во земјава, која доаѓа како резултат на отворањето на пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија во јули
Денеска и утре во дводневна посета на земјава ќе биде работната група за проширување и за земјите кои преговараат за пристапување во ЕУ (ЦОЕЛА), информира Мисијата на Европската Унија во Скопје.
Ова е прва работна посета на ЦОЕЛА во земјава, која доаѓа како резултат на отворањето на пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија во јули.
Посетата ќе вклучува средби со премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот и главен преговарач Бојан Маричиќ, шефот на дипломатијата Бујар Османи и претставници на министерствата и другите институции вклучени во таканаречениот „Кластер 1“ од преговорите за пристапување во ЕУ („Основи“).
„Посетата на претставниците од сите земји членки во Работната група ЦОЕЛА се реализира во пресрет на практичниот почеток на процесот на скрининг, како прва фаза во преговарачкиот процес и е прва посета по одлуката на Советот на ЕУ досиејата на Северна Македонија и Албанија да преминат во работната група надлежна за земјите кои се во преговарачки процес со ЕУ. Пред одржувањето на првата Меѓувладина конференција во јули о.г. досието на Северна Македонија беше третирано во Работната група на Советот КОВЕБ надлежна за земјите од Западен Балкан кои немаат отворени пристапни преговори“,
велат од Министерството за надворешни работи.
Работната група, како што информираат од Делегацијата на ЕУ во Скопје, ќе се сретне и со претседателот на Собранието Талат Џафери и ќе присуствува на заедничката седница на Националниот совет за евроинтеграции, со која претседава пратеникот Александар Николоски, како и на собраниската Комисија за европски прашања, со која претседава пратеникот Арбер Адеми.
Воедно, делегатите од ЦОЕЛА ќе разменат мислења и со претставници на граѓански организации.
Инаку, ЦОЕЛА е тело на Советот на ЕУ, составено од дипломати од сите земји членки на ЕУ, а е задолжено за процесот на проширување и односите со земјите кандидати кои преговараат за нивно пристапување во ЕУ.
Со работната група претседава ротирачкото претседателство на Советот на ЕУ, а во втората половина од 2022 година со телото претседава дипломат од Постојаната мисија на Чешката Република во ЕУ.