На прашањето околу финансирањето на изборите и за тоа како политичките партии и учесниците на изборите ќе располагаат со средствата и кои механизми се предвидуваат, Новаковски рече дека има некакви ограничувања, но посочи дека нема да ги коментира сè додека не бидат усвоени
Не станува збор за некои големи суштински измени за да не може чинителите и учесниците во изборниот процес да го спроведат тоа, и Државната изборна комисија многу брзо ќе може да ги примени тие измени што ќе настанат бидејќи се само препораки од ОБСЕ/ОДИХР за подобрување на одредени процеси во изборниот процес, вели заменик-министерката за правда

Проширената работна група за реформи во изборното законодавство денеска ја одржува третата средба на која ќе треба да ги имплементира препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а паралелно да работи и на нов Изборен законик. По презентација на работната верзија на текстот и по добиените мислења и препораки, од Министерството за правда велат дека работната група ќе се состане уште еднаш за да го финализира текстот.
Претседателот Александар Новаковски информира дека изминатите четири до пет месеци работеле подгрупите, во кои биле опфатени сите институции надлежни за спроведување на изборниот процес.
„Беа опфатени невладините организации, политичките партии и доставен им е материјалот, измените се готови, и од пред три недели се доставени до сите. Денеска треба да се усвојат тие согласно Деловникот, а се однесуваат на измени околу финансирање на политичките партии, заштита на избирачко право, околу медиумите, медиумското претставување. Оваа работна група имаше мандат само за препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Сите кои можеа да бидат имплементирани се имплементираа, некои не може да се имплементираат, не се компатибилни со нашиот Изборен законик, а потоа се надевам дека ќе се изнајде начин истата работна група да продолжи да работи на нов изборен законик“,
рече тој.
Според Новаковски, Министерството за правда било добро организирано и во процесот биле опфатени сите клучни субјекти.
„Затоа што изборниот процес не зависи само од еден орган, зависи од сите, буквално и тие кои ги следат изборите, важно е однесувањето на сите. Се надевам дека овие измени ќе придонесат работите на следните избори да станат појасни“,
рече тој.
На прашањето околу финансирањето на изборите и за тоа како политичките партии и учесниците на изборите ќе располагаат со средствата и кои механизми се предвидуваат, тој рече дека има некакви ограничувања, но посочи дека нема да ги коментира сè додека не бидат усвоени.
Новаковски рече дека ќе има време за имплементација во однос на финансиите за изборниот период и дека сега е вистинскиот момент оти останува на политичките партии да се договорат.
„Ние не можеме да знаеме што ќе договорат, дали заеднички или посебни избори. Сега топката е кај Собранието“,
изјави претседателот на работната група.
Заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ, од друга страна, истакна дека денеска работната група треба да го финализира текстот со сите предлози и препораки кои можат да се имплементираат и да се вклопат во нашето изборно законодавство.
„Министерството за правда ја формира оваа работна група пред шест месеци со цел во Изборниот законик да се имплементираат препораките на ОБСЕ/ОДИХР, за коишто ѝ даде мандат на оваа работна група. Се заблагодаруваме на сите учесници во работната група и претставници од институциите и од политичките партии кои доставија свој претставник за исцрпната работа и на подгрупите кои изготвија еден предлог, и сите оние препораки кои се ставени. И денеска работната група ќе треба да го финализира тој текст и да го достави до Правда. Откако ќе го добие конечниот текст на работната група, Министерството ќе го достави до политичките партии во Парламентот, бидејќи сите знаете дека овој Изборен законик се носи со политички консензус“,
појасни заменик-министерката.
На прашањето како ќе се постигне тој политички консензус, со оглед на тоа што во рамки на работната група не учествува најголемата опозициска политичка партија, Аврамовска-Мадиќ рече дека неучеството на опозицијата не значи дека тие нема да бидат кооперативни и додаде дека предлогот ќе го достават до координаторот на нивната пратеничка група.
„Опозицијата беше повикана на неколку пати да дојде, дури ѝ беше понудено и претседателското место. Нивното неприсуство не значи дека ние нема да бидеме корпоративни и повторно како претставници во парламентот, на пратеничката група на координаторот нема да му го доставиме предлогот. Нема да има нови работни групи, тој ќе се достави до парламентарните пратенички групи да го погледнат“,
рече таа.
За тоа кога ќе биде донесен изборниот законик ако се оди со ова темпо, Аврамовска-Мадиќ рече оти има доволно време бидејќи по Уставот први избори се претседателските избори и доволно е време за да може да биде донесен пред распишување на изборите.
„Не станува збор за некои големи суштински измени за да не може чинителите и учесниците во изборниот процес да го спроведат тоа, како и Државната изборна комисија многу брзо ќе може да ги примени тие измени што ќе настанат, бидејќи се само препораки од ОБСЕ/ОДИХР за подобрување на одредени процеси во изборниот процес“,
додаде заменик-министерката.
Прашана дали ова значи дека се откажуваат од една изборна единица во овие измени, Аврамовска-Мадиќ одговори оти оваа работна група нема мандат, а и Министерството за правда, за да изготви изборен законик со нов модел.
„Моделот секогаш се преговара и се постигнува политички консензус“,
рече таа.