Ова е последната ескалација од страна на Путин, која следува откако руската војска доживеа низа порази во Украина од почетокот на септември. Проруските власти на Херсон денеска им кажаа на жителите да се евакуираат бидејќи се очекува украински напад на градот
Владимир Путин објави дека прогласува воена состојба во окупираните украински региони Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје, што Русија ги анектира минатиот месец. На денешниот состанок на Безбедносниот совет Путин ѝ нареди на владата да формира специјално координативно тело на чело со премиерот Михаил Мишустин, кое ќе работи со овие четири региони.
Ова е последната ескалација од страна на Путин, која следува откако руската војска доживеа низа порази во Украина од почетокот на септември. Проруските власти на Херсон денеска им кажаа на жителите да се евакуираат бидејќи се очекува украински напад на градот.
Путин не прецизираше кои чекори ќе бидат преземени во рамките на воената состојба, но кажа дека новите мерки ќе ја зголемат стабилноста на економијата, индустријата и производството за поддршка на специјалната воена операција во Украина.
Тој истовремено потпиша декрет со кој се забранува влегувањето и излегувањето од осум руски региони кои граничат со Украина. Ова се однесува и на Крим и Севастопол, кои Русија ги анектира во 2014 година.
По ова реагираше советникот на украинскиот претседател, Володимир Зеленски, Михаило Подољак.
„Воведувањето на воена состојба на окупираните територии треба да се смета само како псевдо-легализација на грабежот на украинскиот имот преку уште едно прегрупирање. Ова не менува ништо за Украина. Продолжуваме со ослободувањето и деокупацијата на нашата територија“,
објави на Подољак на Твитер.
"Martial law" implementation on the occupied territories by RF should be considered only as a pseudo-legalization of looting of Ukrainians’ property by another "regrouping". This does not change anything for Ukraine: we continue the liberation and deoccupation of our territories.
— Михайло Подоляк (@Podolyak_M) October 19, 2022