Рускиот претседател Владимир Путин предложи Русија и Украина да одржат директни преговори, без предуслови, на 15 мај во Истанбул.
„Предлагаме властите во Киев да ги продолжат преговорите што ги прекинаа на крајот од 2022 година, да продолжат со директните преговори, без никакви предуслови. Предлагаме без одложување тие да започнат в четврток, 15 мај, во Истанбул, каде што претходно се одржаа и каде што беа прекинати“,
рече синоќа Путин на прес-конференција.
Како што посочи, тој лично ќе се обрати до претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, да ги организира преговорите.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека предлогот на рускиот претседател Владимир Путин за одржување директни преговори со Украина е „прв чекор, но не и доволен“.
„На безусловниот прекин на огнот не му претходат преговори“,
им рече Макрон на новинарите во полскиот град Пшемишл по враќањето од патувањето во Украина.
Макрон додаде дека Путин „бара излез, но сепак сака да купи време“.
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа во врска со предлогот на рускиот претседател Владимир Путин за директни преговори меѓу Москва и Киев, изјави дека тоа би бил „потенцијално голем ден за Русија и Украина“.
„Помислете на стотиците илјади животи што ќе бидат спасени ако се надеваме дека ова бесконечно ‘крвопролевање’ ќе заврши. Тоа ќе биде сосема нов и многу подобар свет. Ќе продолжам да соработувам со двете страни за да се осигурам дека тоа ќе се случи. САД сакаат наместо на тоа (војна) да се фокусираат на обнова и трговија. Пред нас е голема“,
објави Трамп на Трут соушл.