Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка
Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер и во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент, Вјачеслав Володин.
Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.
И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и суштински позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната Дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за премиерската функција. Пратениците денеска ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на своите избирачи“,
изјави претседателот на Думата, Володин, на Телеграм.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој првпат го номинира Мишустин за премиер во јануари 2020 година, кога владата на чело со Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.
Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин ѝ ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на земјата“, рече Володин.