Шефот на рускиот Истражен комитет рече дека во подготовка на нападот помогнале граѓани на Русија и некои странски држави

Рускиот претседател Владимир Путин ја обвини Украина за нападот на мостот Креч кој го поврзува Крим со Русија велејќи дека тоа е терористички чин.
Според Путин, украинските разузнавачки сили имале за цел да уништат критично важен дел од цивилната инфраструктура на Русија.
„Авторите, сторителите и спонзорите се украинските тајни служби. Нема сомнеж дека ова е терористички чин чија цел е уништувањето на критичната руска инфраструктура“,
вели Путин.
Тој за ова зборуваше на средба со шефот на Истражниот комитет на Русија, Александар Бастрикин. Бастрикин, пренесува „Би-би-си“, за ова рече дека во подготовка на нападот помогнале граѓани на Русија и некои странски држави.
Во експлозијата на камион од која се запалија и вагони со воз, руските органи тврдат дека загинале и три лица. Дел од мостот наменет за патен сообраќај се сруши, додека помали штети претрпе железничкиот дел кој вчера беше пуштен повторно во употреба.
Мостот Креч е клучен за поврзувањето на Крим со Русија, а свечено го отвори токму Путин во 2018, четири години по анексијата на полуостровот. Во војната што во февруари годинава ја започна Москва против Украина, пак, тој беше користен за руските сили да пренесат воена опрема, муниција и персонал на боиштата на украинската територија.