Германската канцеларка Ангела Меркел ќе допатува во Москва в сабота за да разговара за американско-иранската криза со рускиот претседател Владимир Путин, изјави денеска портпаролот на германската влада Штефан Зајберт.
Меркел и Путин ќе разговараат и за други „актуелни теми“, вклучувајќи ги Сирија, Либија, Ирак и Украина.
додаде Зајберт.
Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас, исто така, ќе патува во Москва со канцеларката.
Информацијата ја потврди и официјален Кремљ дека германската канцеларка Ангела Меркел ја прифатила поканата од рускиот претседател Владимир Путин да ја посети Русија на 11 јануари.
Прес службата на Путин потври дека двајцата политичари за време на средбата ќе разговараат за кризата на Блискиот исток, ситуацијата во Сирија, Либија и Украина.
Дополнително шефот на Европската дипломатија Жозеп Борел денеска изрази длабоко жалење поради одлуката на Иран да укине какво било ограничување за збогатување ураниум, како што е предвидено во договорот од 2015 година.
Целосната имплементација на договорот за (иранската) нуклеарна програма е поважна за сите нас сега од кога било, за регионалната стабилност и светската безбедност.
објави Борел на Твитер.
Иранските власти синоќа соопштија дека повеќе нема да ги исполнуваат своите обврски од договорот. Одлуката уследи откако иранскиот генерал Касим Сулејмани беше убиен во американски воздушен напад во Багдад во петокот.
Тензиите меѓу Вашингтон и Техеран се зголемени откако американскиот претседател Доналд Трамп одлучи пред повеќе од една година да го напушти меѓународниот нуклеарен договор меѓу Иран и шест големи сили склучен во 2015 година.