Прашан дали на состанокот со својот севернокорејски колега ќе стане збор и за воено-техничка соработка меѓу двете земји, Путин најави дека со Ким ќе разговараат за сите прашања
Состанокот меѓу лидерите на двете земји, кои сè повеќе се изолирани на меѓународно ниво, внимателно го следат Вашингтон и неговите сојузници, кои веруваат дека Москва и Пјонгјанг би можеле да се договорат за трговија со оружје и одбранбена технологија
Рускиот претседател Владимир Путин денеска го пречека севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун на космодромот „Восточни“ на крајниот исток на Русија, јавуваат светските медиуми.
„Мило ми е што те видов“,
рече рускиот претседател додека се ракуваше со Ким.
Прашан дали дневен ред на состанокот со неговиот севернокорејски колега ќе стане збор и за воено-техничка соработка меѓу двете земји, Путин најави дека со Ким ќе разговараат за сите прашања.
„Ќе разговараме за сите проблеми, полека. Има време“,
рече Путин.
На прашањето дали Москва ќе му помогне на Пјонгјанг во изградбата на сателит, тој одговори:
„Затоа дојдовме во космодромот ‘Восточни’… Лидерот на Северна Кореја покажува голем интерес за ракетната технологија и тие се обидуваат да развијат вселенска програма“,
рече Путин.
Инаку, Северна Кореја досега имаше два неуспешни обида да лансира шпионски сателит во вселената и најави повторен обид за следниот месец.
На прашањето дали Ким и Путин ќе разговараат за испораки на оружје, како што очекуваат западните набљудувачи, Ројтерс доби коментар од портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кој вели дека двете земји соработуваат во чувствителни области кои не треба да бидат предмет на јавно објавување.
„Но, тоа е сосема природно за соседните земји“,
рекол тој.
Непосредно пред доаѓањето на Ким на космодромот, Северна Кореја лансираше два балистички проектила со краток дострел, објави војската на Јужна Кореја.
Путин при средбата му рекол на Ким дека е свесен оти лидерот на Северна Кореја е во посета „во посебно време“ нагласувајќи дека оваа година се одбележуваат 75 години од основањето на земјата, пренесе ТАСС.
Путин исто така истакнал дека Советскиот Сојуз е првиот што ја признал Северна Кореја.
Состанокот меѓу лидерите на двете земји, кои сè повеќе се изолирани на меѓународно ниво, внимателно го следат Вашингтон и неговите сојузници, кои веруваат дека Москва и Пјонгјанг би можеле да се договорат за трговија со оружје и одбранбена технологија.
Официјални лица на САД и Јужна Кореја изразија загриженост дека Ким ќе разговара за испораките на оружје и муниција за Русија, која потроши огромен арсенал во изминатите 18 месеци во војната во Украина.
На состанокот, дел од севернокорејската и руската делегација се врвни дипломати и воени команданти, пренесува Би-би-си, додавајќи дека тоа е индикација за видот на преговори што би можеле да се одржат меѓу двајцата лидери.
Во придружбата на Ким се и командантот на Корејската народна армија Ри Пјонг Чол, неговиот заменик, Пак Џонг Чон и Џо Чун Рионг, директорот на севернокорејското одделение за индустрија за муниција.
Според информации на британскиот национален сервис, во Русија како дел од делегацијата на Пјонгјанг е и Ким Јо Џонг, моќната и влијателна сестра на севернокорејскиот лидер.
Оваа година, таа редовно беше во насловите на медиумите поради нејзините жестоки предупредувања против САД и Јужна Кореја и нивните воени вежби околу полуостровот.
Ким Јо Џонг е многу влијателна личност и тесно соработува со нејзиниот брат. Таа има висока позиција во Централниот комитет на Работничката партија на Кореја
Путин од Москва до крајниот исток на земјата отпатува со рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу и со министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.
Севернокорејскиот лидер, како што пренесува Би-би-си, при средбата му рекол на Путин дека ја поддржува руската инвазија на Украина.
„Русија се крена во света борба за заштита на својот суверенитет и безбедност против хегемонистичките сили“,
му рекол Ким на Путин додавајќи дека Северна Кореја ги поддржува сите одлуки на рускиот претседател.