Бугарија се спротивставува на употребата на македонскиот јазик во рамките на преговорите и има дивергентни ставови за нивната заедничка историја, и покрај потпишувањето во 2017 година на Договорот за добрососедски односи со Северна Македонија, пишува во извештајот известувачот, данскиот пратеник Микаел Аструп Јенсен
Парламентарното собрани на Советот на Европа (ПССЕ) на последната зимската сесија, одржана со физичко присуство и видеодебата, го усвои општиот извештај за следењето на обврските на земјите членки на Советот на Европа, при што во делот посветен на Северна Македонија, известувачот Микаел Аструп Јенсен нагласува дека евроинтегративните процеси на земјата се запрени бидејќи Бугарија го блокира донесувањето на преговарачката рамка поради користењето на македонскиот јазик во преговорите.
„Процесот на европска интеграција на земјата беше обележан со одлуката донесена од Советот на ЕУ на 26 март 2020 година за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија (и Албанија) – одлука што земјата ја чекаше од 2009 година. Но преговорите сè уште не можат да започнат, бидејќи Бугарија ја блокира одлуката на Советот на министри на ЕУ за да ја донесе преговарачката рамка за Северна Македонија“,
пишува данскиот пратеник.
Во објаснувањето, тој вели „Бугарија се спротивставува на употребата на македонскиот јазик во рамките на преговорите и има дивергентни ставови за нивната заедничка историја, и покрај потпишувањето во 2017 година на Договорот за добрососедски односи со Северна Македонија“.
Во делот на функционирањето на демократските институции во нашата земја, ПССЕ оценува дека е задоволително – парламентот обезбедил конструктивен политички дијалог, ги извршил неговите законодавни функции, а реформите започнати во 2019 година продолжуваат, особено во судската област.
Според оценката на ПССЕ, општата состојба во медиумите останува непроменета, особено во однос на претходно идентификуваните прашања како што се финансиската одржливост на независните медиуми, саморегулацијата, транспарентноста на рекламирањето на медиумите од страна на државните институции, политичките партии и јавните претпријатија, како и независноста на јавен радиодифузен сервис.
ПССЕ уште еднаш ги повтори забелешките и оценките за последниот изборен процес во Македонија, оценувајќи дека овие избори беа генерално добро организирани.
Во усвоената резолуција, се бара од Северна Македонија „да ги продолжи своите напори за зајакнување на независноста на судството и борбата против корупцијата, во согласност со препораките на Групата на држави против корупцијата (ГРЕКО); да ги иницира потребните реформи за подобрување на состојбата на медиумите во консултација со сите засегнати страни; да се продолжи со имплементација на Резолуцијата 2304 (2019) за „Пост мониторинг дијалогот со Северна Македонија“ и особено да се зајакне одржливоста и функционирањето на демократските институции, да се консолидира изборната рамка и да се спроведат инклузивни политики насочени кон обезбедување на малцинските права.
Овие прашања дополнително ќе бидат разгледани од коизвестувачите за Северна Македонија при ПССЕ, Лиз Кристоферсен (Норвешка, СПЦ) и Золт Ценгер-Залан (Унгарија, ЕНП / ЦД), кои од јуни лани се назначени за коизвестувачи.