Иван Огненовски, првиот пациент со трансплантирано срце од починат донор, денеска ја напушта клиниката и си оди дома, објави министерот за здравство, Венко Филипче.
„Денеска пациентот Иван на кого му беше трансплантирано срце заминува од Клиниката за Државна кардиохирургија на домашно лекување. Горд сум што испишавме историја во јавното здравство, во кардиохирургијата. Горд сум на моите колеги кои покажаа највисока стручност во својата хумана професија. Но, пред сѐ најдлабока почит за семејството на Емилија Динева за алтруизмот што го покажаа на дело. Покажавме дека знаеме и можеме. Продолжуваме максимално да се грижиме и понатаму за Иван и сите наши пациенти!“,
напиша Филипче на Фејсбук.
Првата трансплантација на срце во земјав се изведе на 23 мај годинава на Клиниката за кардиохирургија во Скопје и траела повеќе од шест часа, по што почнало да чука срцето во телото на 54-годишниот Иван.
Донорот беше Емилија Динева, чие семејство се согласи да се донираат органи откако нивната мајка и сопруга го загубила животот во сообраќајна несреќа.