Тој оцени дека состојбата во комплексот се уште е многу загрижувачка
Директорот на Меѓународната агенција за нуклеарна енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, изјави дека не може да утврди кој ја гранатирал нуклеарната централа Запорожје.
„Не можам да го одредам тоа. Немаме ресурси да го направиме тоа. Како што знаете, треба да ја надгледуваме воената операција во регионот…која не само што е надвор од мандатот на МААЕ, туку ќе бара огромен потенцијал“,
изјави Гроси за Си-ен-ен.
Тој оцени дека состојбата во комплексот се уште е многу загрижувачка и предупреди дека „си играме со оган“.
Претходно, Меѓународната агенција за атомска енергија објави извештај за состојбата во нуклеарната централа Запорожје, во кој се наведува дека итно се потребни мерки за да се спречи нуклеарна несреќа во електраната, која е под постојан артилериски оган во последните месеци, за што меѓусебно се обвинуваат Москва и Киев.
Вчера од мрежата беше исклучен и последниот оперативен реактор, откако електричните столбови беа оштетени од руско гранатирање, соопшти украинскиот Енергоатом.
Агенцијата посочува дека е неопходно да се воспостави зона за нуклеарна безбедност околу централата и дека се уште е многу загрижена за ситуацијата, која не е променета. Сите седум столба се загрозени, а МААЕ даде препораки за секој од нив.
Во заклучоците од извештајот, МААЕ наведува дека „ситуацијата во Украина е без преседан“.
„Ова е првпат да има воен конфликт во постоењето на голема, нуклеарна централа. Нуклеарна несреќа би имала сериозни последици во земјата и надвор од нејзините граници, а меѓународната заедница се потпира на МААЕ да изврши ригорозна проценка на ситуацијата и да ја информира точно и навремено“,
се посочува во извештајот на МААЕ.
Се додава дека МААЕ од почетокот на конфликтот ја следи нуклеарната безбедност и ситуацијата во украинските нуклеарни постројки, но се наведува дека нивното присуство во комплексот ќе биде од поголемо значење за стабилизирање на состојбата.
„Ова, исто така, треба да и овозможи на МААЕ внимателно да ја следи ситуацијата на теренот и да добие директни, брзи и веродостојни информации. Експерти ќе вршат детална и континуирана работа на проценка на физичките оштетувања на постројките, ќе ја утврдуваат функционалноста на главните и резервните сигурносни и безбедносни системи, како и ќе ги проценат условите за работа на персоналот при вршење на активности за заштита на теренот“,
се наведува во извештајот.
Мисијата на МААЕ го напушти Запорожје во понеделникот, но две лица останаа како набљудувачи.
Украинските власти соопштија дека ќе го поддржат повикот на Меѓународната агенција за атомска енергија за создавање безбедносна зона околу нуклеарната централа Запорожје, доколку таа иницијатива подразбира демилитаризација на централата, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.