Изборната комисија на Пакистан (ЕЦП) ги објави резултатите за 47 од 265 места во Националното собрание, при што 17 места добива Пакистанската муслиманска лига (ПМЛ-Н) на Шариф и 14 места добиваат приврзаниците на затворениот поранешен премиер Имран Кан
Партијата на поранешниот пакистански премиер Наваз Шариф има мала предност на општите избори во Пакистан, покажуваат првичните резултати објавени утринава, по доцнењето на броењето на гласовите што владата го припишува на исклучувањето на мобилните интернет услуги.
Изборната комисија на Пакистан (ЕЦП) ги објави резултатите за 47 од 265 места во Националното собрание, при што 17 места добива Пакистанската муслиманска лига (ПМЛ-Н) на Шариф и 14 места добиваат приврзаниците на затворениот поранешен премиер Имран Кан.
Пакистанската народна партија на Билавал Буто Зардари, син на убиената премиерка Беназир Буто, освои 12 пратенички места. Остатокот оди кај помалите партии или независни кандидати.
Бидејќи Кан е во затвор, а неговата партија Тахрик е Инсаф (ПТИ) не можеше да учествува на изборите, неговите поддржувачи се кандидираа како независни.
Аналитичарите пред изборите предвидуваа дека ќе нема јасен победник, што само ќе ги зголеми неволјите во земјата која е погодена од милитантното насилство и длабоката економска криза во високополаризирано политичко опкружување.
Главната битка на овие избори се очекува да биде меѓу кандидатите на Кан, чија партија ПТИ победи на последните избори, и партијата на трикратниот премиер Наваз Шариф, ПМЛ-Н.
Кан смета дека моќната пакистанска армија стои зад прогонот на неговата партија со цел нејзино целосно уништување. Аналитичарите и ривалите на Шариф се убедени дека тој има поддршка од генералите.
Во 76-те години од постоењето на Пакистан како независна држава, војската директно или индиректно доминираше со оваа нуклеарна сила, но веќе неколку години тврди дека не се меша во политиката.