Зоран Милески-Кичеец е осуден на три години затвор за случајот „Рекет“.
Пресудата денеска ја прочита судијката Васка Николовска-Масевска и ова е прва пресуда за случајот „Рекет“, а следува откако вчера се одржа првото судско рочиште на кое Милески призна вина за примање награда за противзаконито влијание.
Кичеец, како што е наведено и во пресудата, бил посредник и договарал средби помеѓу Бојан Јовановски-Боки 13 и сопругата на Орце Камчев, Ана. Средби имале потоа и со Камчев кога тој излегол од притвор. На средбите тие барале и земале пари за Камчев да добие поблаг третман во случајот на СЈО, „Империја“, каде што тој е осомничен. Според обвинението, а сега и според пресудата, двајцата од Камчеви земале околу 1,5 милиони евра.
Кичеец до правосилноста на пресудата ќе остане во куќе притвор, иако неговите адвокати побараа таа да му биде укината.
Во пресметувањето на затворската казна ќе влезат и месеците кои тој од 15 јули годинава ги помина прво во притвор во Шутка , а потоа во домашен притвор.
Покрај затворската казна, на Кичеец ќе му бидат одземени и рачни часовници, лаптопи, мобилни телефони итн.
Обвинителката Вилма Русковска, пак, по соопштувањето на пресудата рече дека не очекувала повисока казна.
Адвокатите на Милески по вчерашното признание на вина рекоа дека Кичеец во овој случај можел да биде и сведок, но веројатно поради незнаење стана дел од обвинетите.
„Како одбрана, а исто и обвинетиот, се соочивме со една ситуација во која обвинетиот имал шанса како сведок да го избегне обвинението. Но, дали од незнаење, дали поради случувањата, не знам, тој се довел во ситуација да биде обвинето лице“, рече вчера адвокатот Александар Новаковски.
И Новаковски и адвокатката Сања Алексиќ побараа од судот да ги земе предвид олеснителните околности, како што се тоа дека татко му на Кичеец е тешко болен и дека е татко на пет малолетни деца.
Кичеец не сакаше да зборува многу, само рече дека останува на завршните зборови на своите адвокати.
Судењето за Јовановски и Јанева продолжува на 6 декември, за кога како сведоци се повикани Јордан Камчев и неговата сопруга Ана.