Во советодавното тело на Пендаровски се враќа Зоран Заев, нов член по функција е Бујар Османи, додека Никола Димитров не е веќе член на ова тело
Претседателот Стево Пендаровски за утре попладне закажа седница на Советот за безбедност, прва по парламентарните избори и конституирањето на новата влада на СДСМ на ДУИ.
По повеќе месеци, со оглед на пролонгирањето на изборите, а со тоа и на мандатот на техничката влада, во Советот за безбедност се враќа Зоран Заев, а нов член е новиот министер за надворешни работи Бујар Османи, кој ја замени функцијата во Владата со актуелниот вицепремиер за надворешни работи Никола Димитров, кој, пак, веќе не е во постојаниот состав на ова тело.
Членови на Советот за безбедност остануваат Оливер Спасовски, кој се врати на функцијата министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска, која ја задржа функцијата министерка за одбрана, како и и Талат Џафери, кој е реизбран за претседател на парламентот.
Во изминатите месеци, Советот за безбедност одржуваше седници почесто од вообичаеното, со оглед на епидемијата со ковид-19, нефункционалноста на парламентот во периодот пред изборите, и потребата од прогласување вонредна состојба, што како обврска му припадна на претседателот Пендаровски.
По паузата од неколку месеци, Пендаровски повторно го свика Советот за безбедност, во подновен состав, а откако Владата најави можно воведување на нови мерки и рестрикции поради ситуацијата со ковид-19.