Противпожарната заштита е служба чија примарна цел е заштита на животот и имотот на граѓаните. Но, како да се одговори на мисијата ако противпожарните возила неретко се постари од пожарникарите.
– Хендикепот е голем и одговорноста е голема што ја носам јас како в.д. командант, доколку се случи не дај Боже некоја трагедија – вели в.д. командантот на противпожарната бригада во Кратово, Војче Серафимов.
А, не е само Кратово. Во Струмица и Валандово се интервенира со возила и од 1966 година. Во Струга, пак, просечната старост е 38 години.
– Овие возила – поправај ги, поправај ги, поголем е трошокот да ги поправаш отколку да земеш друго возило поволно, вели Бесим Кадриу, возач и пожарникар во бригадата во Струга.
„360 Степени“ на терен ги провери најекстремните примери од првиот јавен регистар на противпожарни возила што го изготви Центарот за граѓански комуникации. Кој е должен да го обнови возниот парк, но и како стојат пожарникарските возила споредено со службените возила за другите институции?
Сирената што одекнува од гаражата на противпожарната бригада алармира за избувнат пожар во Кратово. На терен се упатува возило од марката Волво, кое патем е половина од употребливите на бригадата во градот. Воланот е на спротивната, десна страна, бидејќи возилото е донација од Англија.
Ако сирената алармира за нов пожар, кратовските пожарникари имаат на располагање само Лада Нива од 1994 година, бидејќи останатите две возила што ги имаат не се во функција и стојат паркирани на влезот во градот.
– Конфигурацијата на градот е таква што не можеме со возилата што ги имаме во исправна состојба во секој дел на градот да пријдеме. Тоа е голем хендикеп. – објаснува в.д. командантот на бригадата во планинското Кратово.
Според регистарот на противпожарни возила што го направи невладината организација Центар за граѓански комуникации, кратовските пожарникари имаат на располагање возила со просечна старост од 37 години. Со тоа се меѓу „најстарите“ во земјава. Последиците се чести откажувања, што го загрозува животот и на граѓаните и на пожарникарите.
– Револтот е голем, но реалноста е таа. Досега никој од овие функционери во Кратово што беа на позиција во извршната власт, никој не најде за сходно да се набави нови возило, противпожарна опрема – смета Серафомов.
Градоначалникот на општина Кратово, Љупчо Бојаџиев, не е горд на состојбата. Но, без пари во општинската каса за нови возила, вели дека најдоброто што го можат е да прикрпуваат. Привремен излез повторно се гледа во донации.
– Направивме контакти со градот Упсала од Шведска за можност да обезбедиме возило од донација од Шведска. Веќе јануари, февруари, течат роковите, по кои ќе почне процедурата за испорачување на противпожарното возило. Со тоа донекаде ќе ги надминеме најгорливите проблеми со кои се соочува општината и противпожарната единица – вели Бојаџиев.
Неславни 37 години просечна старост имаат и возилата во Струга. Како доказ дека нивната бригада е заборавена, пожарникарите го посочуваат фактот што немаат ниту светлечка табла. Локалните власти ја зеле старата пред 8 години за да изработат нова, двојазична, и се уште не ја вратиле назад.
А, во дворот имаат шест возила. Двете цистерни, кои им се неопходни, се надвор од употреба.
– Градот наш е таков што нема никаде хидрантска мрежа и без автоцистерна не сме функционални. Ова се возила кои бараат хидрантска мрежа, сите се со 1.600 или 1.800 литри вода, на самиот пожар кога ќе настапиме, кај граѓаните иде тоа чувство дека сме дојдени без вода. Таа вода е за 4 минути работа со овие возила. А, една цистерна со 8.000 или 10.000 литри вода е многу значајна во моментите што ги немаме. Имавме две, но тие се во расход – вели Бесим Кадриу од бригадата во Струга.
Возилата што работат во Струга, како и во Кратово, се оние од донација. Работи и едното „домашно“, но неретко со сила.
– Доста е старо возилото, го употребуваме максимално колку што можеме, се ставаме во ризик и ние самите и другите учесници во сообраќајот. Слабо е со кочници, не е центрирано, многу бега лево-десно, а на пожар треба да се упатиш колку што е можно побрзо, брзината ја нема за да сме толку успешни – раскажува Кадриу.
За лошата состојбата, градоначалникот Рамиз Мерко смета дека најголемата одговорност е кај централната, а не кај локалната власт. Вели, ако просечната старост е 37 години, а општината ја презеде оваа служба пред 8 години, државата е виновна што 3 децении не ја променила сликата за бригадите. Спасот, како и неговиот колега од Кратово, го гледа во донации и половни возила.
– Работиме и понатаму да го подобриме тој возен парк. Веќе сум во преговори со надворешни пријатели од Струга кои работат во Европа, каде истите препродаваат и работат во противпожарни служби да ни обезбедат уште некое возило. Со негде 20.000 евра по возило, можеме да набавиме добри возила, така што тоа ќе го направиме и оваа година и паркот ќе биде во функција на граѓаните – тврди струшкиот градоначалник.
Иако Струга и Кратово би требало да бидат екстремни примери, состојбата е катастрофална во цела држава.
На ниво на цела Република Македонија, просечната старост на противпожарните возила е 27 години. Дури и најдобрите, Велес, имаат возила со просечна старост од 18 години. Или од вкупно 220 возила со кои располагаат противпожарните бригади низ Македонија, дури 70 отсто се произведени во минатиот век.
За тоа колку се запоставени противпожарните единици говори споредбата со регистарот на патнички службени возила на локалните и централните институции, кој минатата година го направи Центарот за граѓански комуникации.
– Споредбата е загрижувачка меѓу возилата за противпожарна заштита од која зависат човечки животи и возилата кои ги користат општините и министерствата. За разлика од 220 противпожрни возила има 2645 патнички овзила. Или на секои 12 патнички возила или автомобили доаѓа по едно возило за противпожарна заштита. Понатаму, додека противпожарните возила просечно се стари 27 години, патничките возила просечно се стари 12.5 години. Последна споредба, додека овие 70 насто се донации противпожарните возила, кај патничките возила 70 насто се купени од буџетите односно од нашите средства. Прашањето останува сега за граѓаните, дали повеќе сакаме или ни треба патнички возила или возила за противпожарна заштита – вели Герман Филков.
По закон, главниот товар за финансирање на противпожарните едници е кај локалните власти, кои пак немаат доволно пари и покрај тоа што добиваат 2 отсто од премиите за осигурување на патнички возила за оваа намена. Пари се собираат и на централно ниво, преку одвојување на 12% отсто од премиите за осигурување на имот од пожари кои легнуваат на сметка на Дирекцијата за заштита и спасување. Таа сума изнесува околу 100,000 евра годишно.
Според Синдикатот на пожарникари, возилата треба да ги купува Дирекцијата.
– Кога зборуваме за финансиско одржливо решение мораме да напоменеме дека во реалноста ваквиот систем на финансирање на територијални противпожарни единици е непрактичен. Ова моја констатација може да ја гледаме од две страни. Од една страна, ако се додадат финансиските проблеми со кои се соочуваат единиците на локалната самоуправа, блокирани сметки и мали буџети, а од друга страна, ги ставиме големите издатоци кои се потребни за квалитетна противпожарна заштита и функционирање на територијалните противпожарни единици, се отвора прашањето дека системот на финансирање треба да се редефинира – анализира Боби Вељановски од Независниот синдикат на пожарникари на Македонија.
Првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување, Аднан Џаферовски, ја отфрла одговорноста. Вели – грижата за возните паркови е на општините.
– Дирекцијата има едни минорни средства кои се одвојуваат од дел од приливот кој го добиваме од осигурителните компании. Има комисии кои ги формира ЗЕЛС од тројца градоначалници, каде што ни посочуваат на Дирекцијата кои се приоритетите за помош во купување на ситна опрема, црева. Не се тие толкави средства каде можат да се купат возила од тој тип за гасење пожари, бидејќи тие возила се многу скапи – се правда Џаферовски.
Додека пожарникарите работат во опасни услови и не можат соодветно да ја вршат својата мисија, во Македонија постои и инспекторат кој треба да се грижи за почитување на законот. Како кон пожарникарите така и за другите стандарди. Џаферовски признава дека контролите го гледаат она што го виде и нашата камера, но казни за градоначалниците нема.
– Свесни сме дека локалните самоуправи не можат тоа преку ноќ да го завршат. Не е поентата да казниме. Поентата е да ги разбудиме луѓето да почнат да функционираат и во единиците на локалната самоуправа – смета првиот човек на Дирекцијата.
Пред половина година, за 360 Степени, Џаферовски изјави дека се размислува дали противпожарните едници да се вратат под централната власт. Сега вели дека ќе бидат потребни уште шест месеци за работни групи да кажат – дали враќање кон старото решение, ќе донесе подобро.
Противпожарните единици, како и во изминатите децении, ќе го чекаат епилогот. А, во меѓувреме, алармот нема да престане да ѕвони.