Премиерот Здравко Кривокапиќ, пак, за нередите го обвини претседателот Мило Ѓукановиќ и го повика да престане со дестабилизација на државата. Тој соопшти и дека е нападнато службеното возило во кое се возела неговата ќерка и им порача на демонстрантите дека ова нема да им го заборави
Неколку стотина граѓани денеска се собраа пред Владата на Црна Гора за да го искажат својот револт за одлуката за промена на критериумите за стекнување државјанство и измените на Законот за регистрација на живеалиште.
Протестите ги организираше Патриотско-комитскиот сојуз, а граѓаните се задржаа пред владината зграда нешто повеќе од еден час. Се разотидоа откако полицијата ги информираше дека предлог-законските измени се повлечени. Преку мегафон еден од организаторите, како што пренесоа црногорските медиуми, се обрати и порача дека нема да дозволат предавство и дека ако ги излажат ќе влезат внатре.
Насобраните демонстранти, пишува весникот „Вјести“, претходно се обиделе и да ја срушат заштитната ограда пред Владата, а извикувале и навредливи пароли кон претседателот на собранието, Алекса Бечиќ, вицепремиерот Дритан Абазовиќ и другите владини функционери. Исто така, пукале и петарди и фрлале јајца.
Премиерот Здравко Кривокапиќ, пак, за нередите го обвини претседателот Мило Ѓукановиќ и го повика да престане со дестабилизација на државата.
„Го повикувам претседателот Ѓукановиќ да не ја дестабилизира државата и да го повика народот што тој го изнесе на улица да се врати дома. Нередите што ги предизвикува нема да ја спречат правдата и правната држава“,
напиша Кривокапиќ порачувајќи дека законите и одлуките ќе бидат донесени во интерес на државата.
Граѓаните, пак, ги повика да не наседнуваат на провокации на оние што се спремни да ги жртвуваат за да си го одбранат сопствениот капитал.
Позивам предсједника Ђукановића да не дестабилизује државу и да народ који је извео на улице позове да се врати кућама! 1/3
— Zdravko Krivokapić (@profKrivokapic) April 8, 2021
Премиерот соопшти и дека е нападнато службеното возило во кое се возела неговата ќерка и им порача на демонстрантите дека ова нема да им го заборави.
„Денеска е нападнато службеното возило во кое се наоѓала мојата ќерка, инаку личност под заштита. Како татко, нема да ви ги заборавам нејзините солзи и страв. Како премиер, нема да ви дозволам дивеење и беззаконие. Во земјата ќе владее ред и закон на кои не сте навикнати. Наскоро ќе го видите тоа“,
вели Кривокапиќ.
Danas je napadnuto službeno vozilo u kojem se nalazila moja ćerka, inače štićena ličnost. Kao otac, neću vam zaboraviti njene suze i strah. Kao premijer, neću vam dozvoliti divljaštvo i bezakonje! U zemlji će vladati red i zakon na koje niste navikli. Uskoro ćete to da vidite.
— Zdravko Krivokapić (@profKrivokapic) April 8, 2021
Одлуката за измена на критериумите за стекнување црногорско државјанство, која планира да ја донесат властите, предвидува сите граѓани што со прекини престојувале во Црна Гора 10 години да имаат право да се стекнат со државјанство. Постојниот закон предвидува дека тоа е можно само за оние што непрекинато 10 години живееле во Црна Гора.
Новата одлука, според сознанијата на „Вјести“, привремено е повлечена додека за неа да се изјасни парламентарната комисија за изборно законодавство.