Во антивладините протести во Софија кои синоќа ескалираа приведени се најмалку 120 демонстранти, а околу 100 полицајци се повредени, од кои 15 се хоспитализирани, соопштија од бугарската полиција на вонреден брифинг одржат во 1 часот по полноќ.
„Она што се случи беше долг маратон на немири. Во Софија од раните часови дојдоа секакви луѓе да ја изразат својата волја и да протестираат. За жал, многу луѓе дојдоа да шират тензии. Бевме ставени на тест да трпиме додека околу нас паѓаа повредени полицајци. Многу бомби, многу пиротехника“,
рекол заменик-директорот на софиската Дирекција за внатрешни работи Антон Златанов, јави БГНЕС.
Тој посочил дека пиротехнички средства експлодирале во полициски автомобил, на кој еден од демонстрантите претходно скршил еден од прозорците.
Златанов пред новинарите тврдел дека полицијата во справувањето со протестите постапила со блада тактика за да се заштити животот и здравјето на луѓето.

И директорот на софиската Дирекција за внатрешни работи Георги Хаџиев утрово го бранел начинот на кој бугарската полиција реагирала. И тој смета дека имале пасивна и воздржана тактика, но за да се заштитат полицајците морала толпата да се потисне.
„Вчера бевме сведоци како со часови беше напаѓана полицијата со пиротехника, камења, плочки, метални цевки. Како резултат на тоа, локалните лидери одлучија дека, за да се спасат животите и здравјето на нашите вработени, беше потребно дел од оваа агресивна толпа да се подели и потисне. Единствената цел беше да се обидеме да ги спасиме животите на нашите вработени и мирните демонстранти“,
потенцира Хаџиев.
Во ескалацијата на вчерашниот протест во Софија од насобраната толпа пред зградата на Народното собрание беа фрлени и неколку шок-бомби и петарди кон полицијата.
Протестите траат речиси два месеца. Тие почнаа откако главниот обвинител Иван Гешев нареди претрес на кабинетот на претседателот Румен Радев и апсење на двајца негови соработници.