Движењето „Мир за Украина“ соопшти дека стои зад протестите под логото „Словачка е Европа“, со цел да покаже дека земјата не е со Русија

Низ улиците на Братислава и други градови во Словачка синоќа протестираа илјадници луѓе поради приближувањето на властите кон Москва.
Словачкиот премиер Роберт Фицо ја суспендира воената помош за Украина откако се врати на власт во октомври 2023 година. Неодамна Фицо ја посети руската престолнина за да се сретне со претседателот Владимир Путин по одлуката на Украина да го прекине транзитот на руски гас преку нејзината територија, што ја снабдува Европа преку Словачка.
Движењето „Мир за Украина“ соопшти дека стои зад протестите под логото „Словачка е Европа“, со цел да покаже дека земјата не е со Русија.
Според организаторите, Фицо ја вовлекува Словачка во руската зона на влијание наспроти европските вредности.

Од друга страна, премиерот Фицо вчера во словачкиот парламент рече дека рускиот претседател Владимир Путин му ветил руски гас за Словачка.
Европа продолжува да прима руски гас преку гасоводот „Турски тек“, како и течен гас што се транспортира по морски пат.
Фицо ѝ се закани на Украина, по затворањето на гасоводот што минува низ нејзина територија, дека за возврат ќе го прекине снабдувањето со електрична енергија на оваа земја која е во војна и чија енергетска инфраструктура е цел на руски бомбардирања, како и хуманитарна помош.