Граѓани протестираат откако излегоа информации дека десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) разговарала за масовни депортации на средби со неонацистички групи и со други екстремисти
Над 100 илјади демонстранти вчера и денеска протестирале низ повеќе градови во Германија против крајно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) откако излегоа информации дека таа партија разговарала за масовни депортации на средби со неонацистички групи и со други екстремисти.

Германските медиуми јавуваат дека демонстрациите во Минхен биле прекинати бидејќи на улиците излегле двојно повеќе луѓе од очекуваното, односно околу 50 илјади граѓани, пренесува МИА.
„Гардијан“ пренесува дека деновиве се протестирало на над 100 локации. Во Франкфурт, финансискиот центар на Германија, се собрале околу 35 илјади луѓе под мотото „Да ја одбраниме демократијата – Франкфурт против АфД“, а слична бројка на демонстранти имало и во северниот град Хановер. Протести имало и во помали градови како Брауншвајг, Ерфурт и Касел. Многумина политичари, цркви, како и тренери во фудбалската Бундеслига ги повикале граѓаните да ѝ се спротивстават на АфД.
Протестите доаѓаат откако претставници на партијата дискутирале за можноста за масовни депортации на тие што „не успеале да се интегрираат“, вклучувајќи и германски државјани, на повеќе средби со екстремисти. На една таква средба во градот Потсдам присуствувал и лидерот на австриското идентитаријанско движење Мартин Селнер, промотор на теоријата на заговор за „големата замена“. Според таа теорија, постои заговор да се замени „домородната“ бела популација во Европа со луѓе од други раси.
Партијата АфД, која е позната по антиимигрантските ставови, потврдила дека присуствувала на средбите, но не ги коментирала ставовите на Селнер.
Протестите против партијата ги поддржале и канцеларот Олаф Шолц и лидерот на опозициската конзервативна Христијанско-демократска унија (ЦДУ), Фридрих Мерц. Сепак, двајца претставници на крајнодесничарската фракција на ЦДУ наречена „Вертеунион“ присуствувале на контроверзната средба во Потсдам. Поради тоа, лидерот на „Вертеунион“, Ханс-Георг Масен, во саботата објавил дека фракцијата, која брои околу четири илјади членови, ќе се отцепи од ЦДУ, пренесува „Гардијан“.